Романската власт планира амнестија на политичари затворени поради корупција

Романија е блиску до обезбедување амнестија на политичари кои се во затвор поради корупција, потег кој може да разгори нови протести против декриминализирање на корупцијата, пренесува Еуроњуз.

Ова не е прв пат владејачката Социјалдемократска партија на Романија да се обиде да ги декриминализира дел од коруптивните кривични дела, меѓу кои и злоупотребата на јавната функција, која е дефинирана како функционери кои не ја извршуваат соодветно својата задача и предизвикуваат штета.

Лидерот на партијата, Ливиу Дагнеа, кој и самиот е вмешан во корупциски случај ги поддржува ваквите законски промени, а социјалдемократите сметаат дека дел од анти-корупциските случаи се политички прогон.

Во јануари минатата година десетици илјади демонстранти се собраа на улиците во Букурешт на протести против владините планови да се декриминализираат одредени нерегуларности и да се амнестираат осудени лица преку вонредни декрети. Демонстрациите беа најголеми во земјата од 1989 година.

Според новите предлози, секој кој е осуден на затворска казна помала од пет години за одредени кривични дела би добил амнестија, потег кој може да претставува удар за борбата против корупцијата во Романија. Владата планира да ги декриминализира и прекршоците од страна на функционери со кои е нанесена финансиска штета помала од 41.419 евра.

Ваквиот план е критикуван од претседателот на Романија, Клаус Јоанис, јавниот обвинител, главниот антикорупционер и организациите за човекови права. Намерата беше осудена и од Европската Комисија.