Романот „Вокабуларис“ од Александра Нашевска е преведен на албански јазик и промовиран на Саемот на книга во Албанија

Романот „Вокабуларис“, од македонската писателка Александра Нашевска, првично објавен од издавачката куќа „Темплум“, доби свој албански превод и беше претставен на Саемот на книга во Албанија.  Албанскиот превод на „Вокабуларис“ е издаден од издавачката куќа „Омбра ГВГ“ од Тирана.

Јована Матевска Атанасова, една од рецензентите на романот, посочува дека при читањето на „Вокабуларис“ може да се најде споредба со Текстополис од „The Emoji Movie”, „Inside Out” или „Wreck-It Ralph”.

„Книга за сите возрасти, спакувана како сценарио под крошната на Дизни, но пренесува доволно гласна порака за да ја разберат возрасните, да навлезат во имагинативниот свет на своите емоции и сензации, перцепирани преку зборот, како насилна човечка доблест или казна”, вели таа во својот осврт.

Албанската корица на „Вокабуларис“

За романот, писателката објаснува дека како и секоја книга, тој е еден збир на зборови со единствена разлика дека тие овој пат не се само носители на приказната, туку свои ентитети кои си го наоѓаат домот во романот.

„’Вокабуларис’ е всушност светот каде живеат Зборовите, нивниот дом, каде тие иако дел од нашиот каде ги користиме, си имаат и свои животи во едно утописко општество кое пак функционира под инспирација на Мислите кои и во нашиот свет ја носат смислата што зборовно ја искажуваме. Мислите кои се последица на лага се особено комплексни, а една таква која се појавува во ‘Вокабуларис’ го сочинува заплетот во овој роман и претставува закана за овој нивен свет“, вели Нашевска.

Освен Матевска Атанасова, како рецензенти на „Вокабуларис“ се јавуваат и  професорите Кирил Темков и Васил Тоциновски, како и Билјана Јовановска.

Според Кирил Темков, на дело во романот е постмодерната дискурзивна проза.

„Секој од нејзините три делови има свој почеток, развиток, драматичен развој на проблематичните настани и, конечно, разрешување, според класичните принципи на прозната нарација. Ако аналогијата или психичката разновидност на подрачјата понудуваат духовна целост, секој оддел од книгата има свое сопствено значење и ја интригира нашата свест со своите раскажувачки вредности“, пишува тој во својот осврт.

Тоциновски истакнува дека во просторот на „Вокабуларис“ авторката сместува два света – едниот и оној што го знаеме и од кого сме дел, а во другиот живеат нашите мисли и зборови.

„Навидум тие како да се една целост, сепак се паралелни светови зашто иако имаат истовременски чекор тие никогаш не одат рака под рака, и така Нашевска се одредила да нѐ поведе на едно необично и неизвесно патување или поточно би рекле ни понудила вистинска авантура“, вели Тоциноски.

Билјана Јовановска истакнува дека во романот, односно новиот придонес кон  Гутенберговата Галаксија се препознава писменост на талентиран раскажувач, но исто толку и на вистински описменет лингвист, кој заслужено треба да го добие вниманието на читателот.

Романот е достапен во книжарницата на „Или-или“ и во кафулето „Буква“, а ќе биде достапен и во книжарниците на  „Литература.мк”, „Полица”, „Култура” и „Три”.