Никола Стојановски е 21-годишен млад човек со Даунов синдром. Тој денеска излезе на мирен протест пред Собранието, во паркот „Жена борец“, заедно со својата мајка и повеќе родители.
Целта беше да дадат заеднички глас против дискриминација и насилство врз лицата со попреченост или инвалидност.
Како што рекоа, Никола како вработен во техничка служба во Град Скопје бил влечен за рака и бутнат надвор од канцеларија, а ранецот му бил фрлен.
„Денес сме овде, не како политичка група, не како организација, туку како родители на нашите деца – млади и возрасни лица со попреченост кои секојдневно се борат да докажат дека можат, дека вредат и дека заслужуваат достоинствен живот и работно место. Овде сме бидејќи едно лице со Даунов синдром, вработено во јавна установа беше жртва на дискриминација, психичко и физичко насилство. Случајот е документиран, и за нас тоа не е само поединечен инцидент, тоа е огледало на системот кој треба да штити, а не да повредува“, изјави Сузана Стојановска, мајката на 21-годишниот Никола.
View this post on Instagram
Стојановска кажа дека нивните атипични деца се вработуваат според Закон за вработување, тие се интегрирани во јавни и приватни институции за да придонесуваат, а не, како што рече, да бидат понижувани, игнорирани и уште полошо, малтретирани.
„Ние не бараме милост, бараме правда, бараме човечност. Бараме институциите да го спроведат законот, а не да го користат како параван за формално вработување без реална поддршка. Законот јасно дека предвидува лицата со инвадилитет мора да имаат соодветни услови за работа, заштита од малтертирање и дискриминација и дека секој работодавач е обврзан да обезбеди адаптирано работно место и почитување на нивното достоинство. Ние сме гласот на нашите деца. Нема да молчиме пред насилството. Нема да се помириме со дискриминацијата. Денеска пред Собранието испраќаме порака: Човековото достоинство нема попреченост, стоп за дискриминацијата, стоп за насилството на работното место“, порача Стојановска во име на насобраната група.
За случајот пријавиле во Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД), Државниот инспекторат за труд и во Министерството за внатрешни работи (МВР), но сѐ уште немаат добиено одговор.
Стојановска пред новинарите презентираше и документ, кој, како што посочи, покажува дека синот Никола бил под траума.

Фото: Радио МОФ
„Случајот беше пред околу еден месец. Го доживеавме како стрес и траума, чекав малку да се смири детето, а и јас малку да се смирам, за да можеме да ги превземе сите активности. Јас сум самохрана мајка и немам кој (да пренесам) да ги трча овие работи наместо мене“, нагласи Стојановска.
На прашањето на Радио МОФ дали ваквите работи се повторуваат во Македонија, таа рече дека ова не е прв, но се надева дека е последен случај.
„Ова е глас за да се охрабрат родителите, затоа што молчењето е одобрување. Затоа се надеваме дека ќе ја поткренеме свеста и ќе ги нема повеќе овие работи“, нагласи таа.
Околу прашањето што очекуваат од инстититуциите, Стојановска посочи дека веќе имале една средба во Град Скопје со одговорните лица и изнашле некој начин, решение.
„Прво и основно, ќе мора да се спроведат обуки во сите институции во јавната администрација за однесувањето кон лицата со посебни потреби“, констатираше таа.
Радио МОФ се обрати и до Град Скопје. Оттаму рекоа случајот го пријавил родителот на 21-годишниот вработен дека „настанало недоразбирање помеѓу колеги“.
„За истото имаше медијација преку секторот за човечки ресурси и иако се работи за недоразбирање меѓу две возрасни лица, имајќи ја предвид состојбата на 21 годишниот Никола, превземени се мерки согласно барањата на родителот на Никола кои секторот за човечки ресурси ги исполни“, стои во одговорот од Град Скопје.
Од Градот тврдат дека во изминатите неколку години вработиле повеќе лица со попреченост, но никогаш инклузивноста на овие лица во работните процеси не ги промовирале јавно, штитејќи го нивното достоинство.
„Правото на протест е лично и неприкосновено, но сепак барањата ни се непознати, бидејќи сѐ што побара родителот на 21-годишниот Никола е остварено уште одамна“, ни соопштија од Градот.
Бојан Шашевски



