Револуционерен тест на плунка регистрира рани знаци на рак на грлото и устата

Нов тест кој може да се изведува и во домашни услови кој регистрира рак на усната празнина и на грлото преку примероци на плунка започна да се користи во САД.

Тестот користи вештачка интелигенција и има 90% точност, а оваа метода може да забележи рана појава на ракот на грлото и усната празнина со новата технологија која според Американската администрација за храна и лекови е „револуционерна направа“.

Овие ракови се многу тешки за детекција и поминуваат недијагностицирано додека не стигнат до одмината фаза поради недостатокот на ефективни дијагностички алатки, што пак резултира со високи стапки на смртност, пренесува Еуроњуз.

Досегашните скрининг методи се засноваат на визуелни и тактилни испитувања од лекарите, што значи дека канцерогените израстоци мора да станат доволно големи за да можат да се регистрираат со голо око.

Само 28 проценти од пациентите добиваат рана дијагноза, а оние што добиваат дијагноза подоцна во болеста се соочуваат со долга борба со ракот. Шансите за преживување во следните пет години за ракот на усната шуплина и на грлото 68 проценти, додека за ракот на хранопроводот е 20,6 проценти. Но доколку се регистрираат порано шансите растат на 86 и 47 проценти.

Барајќи начин како да се направи подобра алатка за дијагностицирање на ракот, научниците од биотехнолошката компанија Виоме започнале да ги истражуваат промените во микробиомите (бактериите, габите, вирусите кои природно живеат во човековото тело) откако претходно истражување покажало дека луѓето со рак на устата и грлото имаат поинаква бактериска флора отколку оние што немаат рак.

Собиравме примероци на плунка од луѓе кои имаат над 50 години и полнолетни лица со историја на пушење – што се два ризик фактори за рак на устата и грлото. Од секој примерок го вадевме генетскиот материјал од бактериите, габите и човековите клетки“, објаснува Гурудут Баванар главен инженер на Виоме и автор на студијата.

Научниците потоа користеле генетски податоци од 945 примероци, од кои 80 имале рак на усната празнина, додека 12 имале рак на грлото и на тој начин го тренирале нивниот компјутерски модел со вештачка интелигенција.

Моделот успеал да идентификува 88 различни промени во гените на луѓето кои имаат рак рак, како и 182 посебни генетски одредници на бактериите најдени кај тие луѓе. Научниците потоа го тестирале нивниот модел на преостанатите 230 примероци, од кои 82 биле од лица кои имале рак. Компјутерот точно го погодил примероците кои имаат рак во 90% од случаите, и покажал 95% точност кај примероците кои немале рак.

Тестот веќе е достапен да се купи во САД.