„Највалканиот човек на светот“ починал на 94 години, неколку месеци по првото бањање

Ирански испосник, кој доби прекар на „највалканиот човек во светот“ бидејќи не се избањал повеќе од половина век, починал на 94 годишна возраст, пренесе Гардијан.

Новинската агенција ИРНА извести дека Аму Хаџи, како што го нарекувале соселаните според фраза која се користи за стар човек, починал во неделата во селото Деџга во јужната провинција Фарс.

Човекот прекриен со саѓе, кој живеел во мала трошна куќа, според локалните медиуми се немал избањато со вода или сапун повеќе од 60 години. Селаните велат дека тој доживеал емоционални трауми во младоста што го натерале да одбива да се бања.

Во 2014 година, Техеран Тајмс извести дека Аму Хаџи често јадел животни убиени во сообраќајни несреќи и пушел луле наполнето со животински измет и верувал дека чистотата ќе го разболи. На повеќе фотографии може да се види како пуши неколку цигари одеднаш.

Сепак, пред неколку месеци, селаните конечно го убедиле да се избања за првпат, пренесува ИРНА.

По смртта на Аму Хаџи, сега неофицијалниот рекорд за „највалканиот човек на светот“ може да го преземе човек од Индија, кој не се избањал речиси целиот свој живот.

Во 2009 година весникот Хиндустан Тајмс информираше дека Каилаш Синг, од село на периферијата на светиот град Варанаси, се нема избањато повеќе од 30 години, со цел да помогне „да се стави крај на сите проблеми со кои е соочена нацијата“.