Решенијата за изолација отсега достапни електронски преку Вакцинација.мк

Од Владата на Северна Македонија информираат дека од денеска во функција е дигиталната платформа на која граѓаните позитивни на КОВИД-19 ќе ги добиваат решенијата за изолација.

Од Владата појаснуваат дека платформата е пуштена согласно одлуката за измена на начинот на достава на решенијата за изолација на лица позитивни на КОВИД-19 и на нивни контакти и дека граѓаните ќе имаат пристап единствено до своето решение, без увид во податоци на други граѓани.

Пристапот е можен преку банер на веб-страницата на Државниот здравствен и санитарен инспекторат кој ве носи до порталот Вакцинација.мк или директно на следниов ЛИНК.

„Постапката е едноставна. Граѓаните кои до сега немаат креирано профил, ќе треба да се регистираат на Порталот со креирање профил преку кој се овозможува генерирање на решението за изолација кое е дигитално потпишано од страна на Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Сите лица кои до сега имаат свој профил на vakcinacija.mk, ќе може да го генерираат решението на ист начин како и сертификатите за КОВИД-19 вакцинација или за прележан КОВИД-19“, соопштија од Владата.

Оттаму потсетуваат дека секое лице кое се тестира за КОВИД-19 потребно е веднаш по спроведеното тестирање да биде во самоизолација, сè до добивање на резултат. Доколку резултатот е позитивен, останува во изолација уште седум, односно најмалку десет денови во зависност од тоа дали развил симптоми на болеста.

Изминатата недела јавноста беше загрижена по најавите дека решенијата за изолација ќе бидат објавувани јавно, што можеше да вклучува и увид во нивни лични податоци. Сепак од Владата уверуваа дека нема да бидат објавувани лични податоци на граѓаните, односно ќе ги запазат стандардите од Законот за заштита на личните податоци.

Минимален обем на лични податоци ќе се објавуваат јавно во решенијата за изолација, тврди Бухова