Цената на овошјето, праски, јагоди, цреши, јаболки од 2 евра до 9 евра. Повисоки цени на чоколадните производи, кафето, дел од производите за хигиена, пишува Порталб.мк. Атрактивните места во Грција кои се најпосетувани од македонските граѓани веќе се полнат со туристи.
Цени во продавници, кафеани, плажи…
Голем дел од рестораните, продавниците, таверните, вилите, хотелите во најпосетуваните туристички места во Грција, веќе се отворени – ги примија првите гости во оваа летна сезона. Иако почетокот на сезоната вообичаено се поврзува со летниот распуст во училиштата, во најпосетуваните грчки локации за македонските граѓани веќе има туристи, не само од кај нас туку и од Бугарија, Германија, Романија.
Во пресрет на летниот шпиц дел од цените во продавниците и на плажите се задржаа на ланското ниво но дел од цените, според менаџерите од трговијата веќе се зголемени а ќе има и нови поскапувања.
Во маркетите забележливо беше поскапувањето на кафето, чоколадото но и кај средствата за хигиена. Така, познатото грчко чоколадо Лакта (Lacta) годинава чини 2,75 евра, грчка алва од 200 грама 2,35 евра, пакување од 4 лименки пиво во вкупна количина од 500 мл се продава за 5,20 евра. „Порталб“ ги регистрираше и цените на дел од основните прехранбени производи заедно со овошјето и зеленчукот.
Половина килограм пакуван леб чини од 1,50 евра до 2,98 евра за килограм а маслинки во тегла се продаваат од 3,95 евра до над 5 евра, во зависност од грамажата и брендот. Цените на овошјето и на зеленчукот во различни маркети се продаваат главно по иста цена, но сепак беа видливи разлики во цената од едно до две евра.
Килограм цреши чини од 8,9 евра до 11 евра.
„Црешите се меѓу најскапото овошје, многу е висока откупната цена, но овие цени овде се главно повисоки од оние на пример во Солун, таму можете да купите цреши и за 4 евра, но овде е туристичко место и цените се повисоки. Вообичаено дел од цените на зеленчукот ги намалуваме кога ќе почне сезоната“, вели сопственик на маркет лоциран во едно од туристичките места на првиот крак Касандра.
Килограм праски се продава за 2,50 евра, килограм јагоди за 2,90 евра, протоколи за 2,80 евра а јаболките од 2 евра до 3 евра. Килограм пиперки чини 2,60 евра а краставици 0,39 евра додека килограм домат се продава за 2 евра.
Кафе, еспресо, капучино, фрапе, во маркетите се продаваат од 2,20 евра до 2,80 евра, но дел од продавачите велат дека цените од овој месец ќе бидат зголемени.
„Цената на кафето постојано се зголемува, ќе мора да го поскапиме, со овие цени не само што немаме добивка туку сме и во загуба“, вели вработен во еден маркет.
Позначајно се зголемени и цените на чоколадата и другите чоколадни производи.
„Јас еве продавам сладолед и не знам како туристите го купуваат, јас ги прашувам зошто го купувате кога е толку многу скап“, вели друг продавач во маркет.
На плажите во поголем дел од туристичките места на Касандра, две лежалки и чадор за сонце се достапни доколку купите пијалак кој чини најмалку 5 евра. Порција салата и мала пица во рестораните покрај плажата се продаваат по 10 евра, цената на сендвичите се движи од 4, 50 евра до 9 евра а порција морска храна од 15 евра до 17 евра. Порција суфлаки или гиро во рестораните се продава за 9 евра.
Инфлацијата не ја поштеди ниту Грција, порастот на цените значајно се почувствува и во туризмот кој е еден од стратешките сектори на кои се потпира грчката економија. Географски блиска, Грција, заедно со Албанија и Бугарија, кои исто така излегуваат на море, се најпосетуваните дестинации од нашите граѓани.