Од почетокот на октомври на сила стапил договорот меѓу операторите на ЕУ и на Западен Балкан со кој за 30% ќе се намалат цените за роаминг на македонските граѓани во Европската Унија, информираше министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу.
„Нашите граѓани и бизнисот од Северна Македонија кога ќе одат надвор веќе имаат 30 отсто помали трошоци за роаминг и обратно, значи граѓаните или бизнисите од ЕУ кои своите активности ги имаат во Северна Македонија ќе имаат 30 проценти намалени трошоци за роаминг“, рече Алиу.
Министерот истакна дека очекува телекомуникациските оператори следниве денови да излезат со повеќе информации и пакети по што граѓаните би имале повеќе информации за тоа колку би ги чинело роамингот во некоја од ЕУ државите.
Освен ова намалување Алиу напомена дека во 2025 година цените за роаминг меѓу ЕУ и Западен Балкан ќе се намалат за уште 30 проценти, а се очекува во 2028 година цените за користење на роаминг во ЕУ да бидат исти како цените на телекомуникациските услуги кои граѓаните ги плаќаат на домашниот пазар.
„Тоа значи дека во 2028 година, истите цени ќе ги имаме како внатре, така и надвор од државата“, рече Алиу.
Договорот за пониски цени за роаминг помеѓу ЕУ и државите од Западниот Балкан беше потпишан во декември 2022 година. Со тој договор од 2023 година Северна Македонија, Албанија, Србија, Црна Гора, Косово и Босна и Херцеговина се предвиде да имаат пониски тарифи во роаминг со земјите од Европската Унија.