Рекорден број загинати во војните во 2022 година, покажува Светскиот индекс на мирот

Повеќе од 238.000 луѓе ги загубија животите минатата година во конфликти ширум светот, повеќе од кога било во овој век. А војната во Украина не беше ни најкрвавиот конфликт, пренесува Н1.

Минатата година беше најлоша од почетокот на 21 век по бројот на жртви во војните – 238.000 загинати. Тоа е речиси двојно повеќе во споредба со претходната година, гласи заклучокот на извештајот на Меѓународниот институт за економија и мир (ИЕП), со седиште во Сиднеј.

Драматичното зголемување на стапката на смртност во голема мера е последица на војната во Украина, каде минатата година беа убиени 83.000 луѓе. Сепак, најкрвавиот конфликт се случи во Етиопија, каде животот го загубија 100.000 луѓе.

Според студијата објавена денеска, конфликтите во 2022 година исто така предизвикале загуба од речиси 13 отсто во глобалната економија. Просечното ниво на „глобален мир“ исто така падна деветта година по ред и е на полошо ниво од најлошата година досега овој век во 2014 година, наведува ИЕП. Севкупно, вака пресметаниот светски индекс на мир за 2022 година се влоши за 0.42%.

Светскиот индекс на мир се пресметува со рангирање на речиси секоја земја во светот според 23 индикатори. Се испитуваат „тековните внатрешни и меѓународни конфликти“, „безбедноста“ и „милитаризацијата“ на општеството, а се вклучени и податоци од бројот на убиства.