Референдумот во Гевгелија без проблеми, над 2.000 граѓани веќе гласале – активистите убедени во успех

Околу 2000 граѓани, или над 10% од запишаните гласачи, до 10 часот утрово гласале на референдумот во Гевгелија, на кој граѓаните одлучуваат дали се за или против отворање на два рудници за злато на планината Кожув.

Здружението „Спас за нас“, која ја води кампањата против отварањето на рудниците во нивната општина, има набљудувачи на сите 37 избирачки места. Активистот Ангел Наков, кој е дел од иницијативата, вели дека референдумот, засега, поминува без проблем.

„Досега немаме ниедна информација за пречки или проблеми во постапката. Луѓето најдемократски се изјаснуваат. За да успее референдумот треба да излезат некаде околу 9.800 граѓани. Ние сме убедени дека таа бројка ќе ја постигнеме, очекуваме и многу повеќе. Сега очите на Македонија се вперени во демократска Гевгелија, каде граѓаните сакаат да ги изразат своите ставови за својата иднина. Ова е најдемократското право и тоа треба да стане пракса во Македонија, граѓаните да кажат во кој правец треба да се движиме, како сакаме да се развиваме и што сакаме да се случува во нашите општини“, вели Наков во изјава за РадиоМОФ.

Освен здружението „Спас за нас“, изборите ги набљудуваат и од ЦИВИЛ.

Гласањето започна во 7 часот. Во списокот се запишани 19.459 граѓани со право на глас на 37 избирачки места, кои ќе можат да се изјаснат по референдумското прашање до 19 часот. Првичните резултати, за исходот од референдумот, треба да се објават околу 20 часот.

Подетално за проблемот со рудниците кои можат да наштетат на животната средина во југоисточниот регион на Македонија, РадиоМОФ пишуваше во сторијата подолу:

Со референдум против новите рудници – Оваа борба е над сите политики