[Рецензија] „Медена земја“ истовремено инспирира и боцка како пчела  

„Медена земја“ (Honeyland) не е документарец за пчели, иако постојано зујат, боцкаат на екранот, и чешаат по цело тело долго после филмот. „Медена земја“ е документ, повеќеслоен приказ за процесот на уништување на природната рамнотежа. Може да се проучува и холистички, односно антрополошки, како искрена и допадлива животна приказна, или како животен циклус во опасност.

„Медена земја“ е се’ ова вешто споено, спакувано во документарец кој се чувствува како филм. На „Санденс“ веќе собра три големи награди, а признанијата и реакции од филмофилите допрва (ќе) стигнуваат после секоја нова проекција, без разлика дали е тоа по фестивали во Странција, или на „Македокс“. Поширокиот домашен аудиториум ќе почека до август, додека филмот го збира потребниот моментум, за да ја прошири каузата за одржлива средина.

Каузата е приземна, добронамерна. Поттикната е преку приказната за Атиџе, последната жена пчеларка во Европа што собира мед од диви пчели. Атиџе е самотник. Уште од почетокот, небото е отворено над средновечната жена, а камерата ја следи како пешачи низ визуелно допадлив карпесто-грмушкаст, полусув македонски предел, вгнезден меѓу ридови, рамнини и стари урнатини од некогашна населба.

Тоа е селото Бекирлија, околу реката Брегалница. На крајот на 19 век Бекирлија било дел од Штипската каза на Отопамската Империја. Бугарскиот етниграф Васил К’нчов евидентирал 270 населени Турци во 1900-та година. Сега, таму опстојуваат само руини, разрушени куќи од камен, низ кои шетаат повеќе крави отколку луѓе.

Атиџе тука живее со својата 85-годишна мајка, без струја и урбани комодитети. Атиџе е столбот, работникот, додека возрасната мајка лежи во кравет, незнаејќи дали надвор е ден или ноќ. Атиџе и помага да реши дали да ги испружи нозете, за да не ги здрви, или да ја нахрани, да и го зачисти и превие болното око. Меѓу нив се провлекува традиционална, но и духовита семејна нишка, особено кога Атиџе мора да се дере на приглувата жена за да се разберат. Сепак, двете жени функционираат заедно.

Екипата на филмот

Интимните мигови со мајката, често под светло од свеќа, се дел од пошироката слика за осознавање на Атиџе, која се „пентари“ високо во карпи – до живеалиштето на пчелите. Од таму ја собира матицата, за потоа групата пчели да тргне по матицата до селото, каде пак се произведува медот. Тоа е цел процес, децениски, разбирлив за Атиџе, разбирлив и за пчелите. Има за сите.

Ова трае додека во селото не пристигне „накрцана“ приколка. Доаѓа многудетно семејство. Носат градска бука, енергија, игривост во просторот, повеќе усти за хранење. Со ваквиот „багаж“, не го следат старото правило, принципот „пола на пчелите, пола за нас“. Новодојденците под притисок на капиталистичката шака сакаат брзи бенефиции, повеќе и повеќе, па пчелите ги ранат и со шеќер. Наспроти тоа, принципот на Атиџе е одржлив. Доволно за мене, доволно за пчелите. Без непотребно искористување на ресурсите од околината која, практично, враќа живот. Тоа е кругот, а Атиџе е заштитникот на рамнотежата, факелносецот на природниот тек.

Режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов, заедно со снимателот Самир Љума и кинематографот Фејми Даут, речиси секој ден го минувале со своите ликови. Буквално ги убедиле да битисуваат, коегзистираат со нив, што на гледачот му дава убава доза од автентични ситуации, независно дали е тоа кога прскаат мирис за да не ги касаат пчели, додека кажуваат клетви од типот „да ти изгоре џигерот“, или додека деца се бркаат и валкаат во прашина, а мајката им се дере и молзе крава.

Монтажерот на документарецот Атанас Георгиев, кој воедно е и негов продуцент, од 400 часа снимен материјал на крај успеал да срочи приказна од речиси час и половина.

Снимањето на „Медена земја“ траела три години. Влегле на терен со ограничени услови, со агрегатор кој откажувал, со батерии за три-четири дена снимање. Екипата штедела, гледала да не троши енергија без врска. Спиеле и во шатори, во дворот со децата. Режисерката ја испокасале болви, мачки им ја јаделе храната, а петел во 4-5 сабајле ги оставал без сон.

Сцена од „Медена земја“

Сепак, поголемиот сон за документирање на односот меѓу човекот и природата, бил посилниот двигател. И аудиториумот ќе биде задоволен што издржале во намерите и идејата, која стартувала како кратко видео-проект за зачувување на средината околу Брегалница, а прерасна во еден од најозборуваните документарци годинава.

Магијата на филмот е и во маестралната камера. Љума и Даут создаваат кинематографско медено парче, храна за сетила. Кадрите дишат со живот, со зајдисонца, контури од луѓе што се спојуваат со природа, или мирно животарат додека трагата од авион брза некаде, надвор од спокојот на Атиџе и новодојденците.

Музиката во филмот е минимална. Тема од псевдо-емигрантското кабаре „Фолтин“ се појавува само во ситен дел од филмот, како емотивен засилувач. За се’ друго музика се природните звуци. И, се чини, нема потреба од дополнителен звучна прекривка, за да не се наруши природниот тек, каузата на филмот.

Филмот во целина, истовремено инспирира и позитивно иритира. Боцка како пчела која, ставена во тесно и во опасност, си го брани опкружувањето. „Медена земја“ алармира за будење – ако неферски ги користиме ресурсите, ќе се создаде дисбаланс од непоправливи размери. Во тој случај, самите ќе бараме да не’ боцкаат пчели, за да се осетиме живи.

Бојан Шашевски

——–

Донации: 

Онлајн кампања: Со купена тегла мед донирате на децата од документарецот „Медена земја“