[Рецензија] Марчело по речиси една деценија забележа успешен концерт во Македонија

Младинскиот културен центар во Скопје вчера (24 февруари) беше домаќин на артистот, писател и хип-хоп изведувач Марко Шелиќ – Марчело и неговиот верен бенд.

Концертот ја долови специфичноста по која Марчело е познат и препознатлив на нашите простори и пошироко, а тоа е неговиот стил кој се одликува со раскажување на реалноста, вообичаено во трето лице, преку осмислен концепт кој содржи мноштво музички елементи.

Публиката беше од сите возрасти и МКЦ беше исполнет со вистински љубители и фанови на ликот и делото на Марчело, како и на квалитетниот звук кој, како што истакна и самиот тој, за жал, се’ помалку може да се слушне на нашите простори. Па затоа, на репертоарот меѓу првите се најде и неговата песна „Мук“ од албумот „Напет Шоу“ во која говори за оваа проблематика и сржно ја објаснува на метафоричен и наративен начин.

Пред настапот, присутните имаа можност одблиску да се запознаат со артистот, да го купат неговиот роман „Малтерего: Рубиков стол“ во издание на македонската издавачка куќа „Антолог“, како и цедето од последниот албум „Нојева варка“, но и да добијат потпис и посвета од авторот.

Ова е првиот роман од неговиот серијал „Малтерего“ и единствена негова книга преведена на македонски јазик.

Хип-хопот придружуван од виолина (Филип Крумес), клавијатура (Александар Јовановиќ – Шљука), тапани (Александар Цветковиќ – Драма), бас-гитара (Марко Фабру), диск (Раид Кју) и вокал (Невена Глибетиќ – Ненси) претставуваше вистинска надреална форма на уметност која единствено може да се доживее.

„Не сме еден од оние бендови кои се враќаат на бината по овациите од публиката. Ние го изведуваме сето она што ви го имаме подготвено и одиме да се закотвиме на шанк, каде можете слободно да дојдете да се дружиме, муабетиме, сликаме и доколку има некој кој не добил потпис да не си отиде без него“, рече Марчело пред да ја изведе последната песна од репертоарот, „Сунце“, за која го замоли секој еден да го гушне оној десно и лево од него без разлика дали го познава или не, затоа што „само заедно и сплотено можеме да надминеме се’“.

Публиката го послуша и можеше да се почувствува и види прекрасен призор полн љубов, каде непознати цврсто и, дури ненадејно, прегрнуваат непознати.

По концертот, артистот го исполни ветувањето и уште најмалку еден час продолжи да се забавува и шегува со публиката потпишувајќи книги и исполнувајќи ги нивните желби.

Ангела Петкова
Фото: Кристијан Арсовски