Реализирана донација од Support Kocani за Универзитетската клиника за пластична хирургија

Иницијативата Support Kocani успешно ја реализираше донацијата наменета за повредените од трагичниот настан што се случи на 16 март во Кабаре клуб „Пулс“ во Кочани со Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија – Скопје.

Донацијата е формализирана со потпишување на договор за донација, а вклучува 100 комплети T-LAB PRP KIT, 10 комплети EXOMINE SMART KIT, 4 пакувања аминокиселини и 4 пакувања протеини. Вкупната вредност на донацијата изнесува 286.120 денари, и е целосно обезбедена преку донации од хумани граѓани и компании, кои континуирано ја поддржуваат иницијативата Support Kocani.

„Донираните материјални добра се наменети за третман и регенерација на кожата, забрзување на зараснување на рани и подобрување на опоравувањето кај пациентите со тешки повреди од изгореници. Нутритивната поддршка претставува дополнителна помош за јакнење на организмот во процесот на рехабилитација“, велат од Support Kocani.

Фото: Support Kocani

Медицинската опрема и суплементи се веќе доставени на Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија – Скопје, каде активно се користат во третманот на повредените. Во рамки на посетата, тимот на Support Kocani ги посети и пациентите кои сè уште се хоспитализирани на Клиниката и лично им изрази поддршка и желби за побрзо закрепнување.

„Продолжуваме со фокусирана, директна и одговорна поддршка за секој поединец кој е засегнат од трагедијата. Оваа соработка со една од клучните здравствени установи во државата претставува важен чекор во обезбедувањето на стручна медицинска нега. Искрено им благодариме на сите хумани граѓани, компании и поддржувачи – токму тие ја направија оваа помош возможна“, истакнуваат од Support Kocani.

Како што поентираат од иницијативата, остануваат посветени на транспарентност, партнерство со институциите и долгорочна грижа за сите погодени лица.