Реакција: „Св. Кирил и Методиј“ не може да се трансформира во ИБ училиште, „загрижените“ родители да престанат со оцрнување

Управниот одбор на основното училиште „Св. Кирил и Методиј“ во Центар потврди дека заедно со Општината одлучиле да не се аплицира за акредитација за спроведување на ИБ програмата. Но, како што велат, причини имало многу.

Во продолжение, Радио МОФ интегрално ја пренесува реакцијата на Управниот одбор, потпишана од неговата претседателка и наставничка во училиштето, Весна Миливоевиќ:

„Загрижените“ родители се најмногу десетина родители блиски (партиски) до поранешната директорка на училиштето која насилно против волјата на наставниците и родителите реши да ја воведе оваа програма во нашето училиште без законска издржаност на секаков начин во април 2013 година.

Училиштето не може да се “ трансформира во ИБ училиште“ како што велат родителите затоа што е СРАМОТА најстарото училиште во Македонија (181 година постои), да користи за службена комуникација англиски јазик. Една шетвртина од наставниците треба да поседуваат сертификати за познавање ЗАДОЛЖИТЕЛНО на англискиот јазик.

90 % од нашите родители своите деца ги запишале во ова училиште затоа што им одговара локацијата и квалитетниот наставнички кадар, а не за ИБ програмата. Родителите секогаш можат да одберат кое училиште го сакаат нивните деца да учат, но наставниците неможат да менуваат работни места.

Дека е “прогресивен предизвик во образовниот процес“ не е точно, бидејќи  работевме ние наставниците по таа програма и увидовме дека за учениците нема никакво значење,а наставниците имаат 10 пати повеќе работа и преводи на англиски јазик за иста плата како сите наставници во РМ. Ова училиште не е изземено од екстерното тестирање, посети на советници од БРО кои го контролираат спроведувањето на националната програма и Интегралната инспекција од Државниот просветен инспекторат.

Само квалитетен наставен кадар може да може да оствари прогресивен образовен процес, а тоа најголемиот дел од нашите родители тоа го почитуваат.

Ги замолувам “загрижените родители“ да престанат да го оцрнуваат нашето училиште и наставниците, заштитувајќи нечии лични интереси. За голем дел од работите што се случуваат во училиштето (финансии, притисоци и сл.) не се запознати, а со тоа ќе се занимаваат други институции“.

Инаку, оваа реакција доаѓа откако вчера група родители изразија разочараност од одлуката за стопирање на ИБ програмата и според нив, причините биле неприфатливи.

„Иако сме свесни за системските недоследности во образованието во Македонија веќе подолго време и директните импликации врз администрирањето и имплементацијата на образовните програми, го повикуваме училиштето да не ја испушти оваа можност да биде лидер и пример во образованието во Македонија. Истовремено, ги повикуваме институциите да застанат во одбрана на правото на квалитетно образование за нашите деца“, стои во соопштението на родителите.