„Св. Кирил и Методиј“ од Центар нема да ја продолжува ИБ програма, родителите реагираат

Група на родители на деца кои учат во ОУ „Св. Кирил и Методиј“ во Општина Центар, запишани во ИБ програма (програма за меѓународно признаено образование), реагираат на одлуката на училиштето и општината да не аплицираат за акредитација, за училиштето да продолжи да работи според стандардите за меѓународно признаена матура.

„Сакаме да ја изразиме својата разочараност од училиштето и општината за одлуката да не се аплицира за акредитација на ИБ, односно да се прекине трансформацијата на училиштето во ИБ училиште, во кој процес успешно работат ОУ „Браќа Миладиновци” во Општина Аеродром и ОУ „Елпида Караманли“ во Битола“, велат родителите.

Причините за оваа одлука велат дека за нив се неприфатливи.

„Како одговорни и информирани родители кои своите деца ги запишале таму исклучиво заради предностите на ИБ програмата, сметаме дека било какви неусогласувања, недоследности, неангажираност и преференци од различна природа, па дури и притисоци- не смеат да се испречат врз квалитетот на образованието на нашите деца“, додаваат тие.

Велат дека нивното е дотолку понагласено од причина што ИБ програмата е освежување и напредок, како за учениците, така и за наставниот кадар, а немањето волја за прогресивен предизвик во образовниот процес, сметаат дека е несвојствен и неприфатлив за просветната струка.

„Иако сме свесни за системските недоследности во образованието во Македонија веќе подолго време и директните импликации врз администрирањето и имплементацијата на образовните програми, го повикуваме училиштето да не ја испушти оваа можност да биде лидер и пример во образованието во Македонија. Истовремено, ги повикуваме институциите да застанат во одбрана на правото на квалитетно образование за нашите деца“.

Додаваат и дека како граѓани се оградуваат од секаква политичка афилијација.