Од Општина Охрид денеска испраќаат реакција, а во врска со определени соопштенијата кои велат се појавиле во некои медиуми и се однесуваат на донесувањето на Општиот акт за Лагадин и издаденото одобрение за градба на хотелски комплекс во населба Лагадин.
„Општина Охрид во целост останува на искажаните ставови од прес конференцијата одржана на ден 27.12.2016 година, каде на јавноста и беа презентирани сите документи кои се составен дел од постапката. Уште еднаш повторуваме дека целокупната постапка за донесување на Општиот акт за Лагадин и издавањето на одобрението за градба на хотелскиот комплекс во населба Лагадин се водени во согласност со законски пропишаната процедура предвидена во Законот за градење и во Законот за просторно и урбанистичко планирање“, стои во реакцијата на Охрид.
Инаку, оваа реакција доаѓа откако иницијативата Охрид SOS вчера соопшти дека е издвојувана првата битка за Охридското езеро. Односно, активистите презентираа документи со кои Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, како што рекоа, бара од општина Охрид да го поништи незаконски издаденото одобрение за градба. Исто така, потенцираа дека стигнало и известување од Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) во кое се вели дека општината го усвоила Општиот акт за Лагадин прекршувајќи ја својата законска обврска да спроведе оцена на влијание врз животната средина.
„Дополнително, Инспекторатот за животна средина ги потврди и нашите констатации дека објектот не смее да се гради на помалку од 50 м од највисокиот водостој на езерото“, рекоа од Охрид SOS.