Охрид SOS: Градежниот инспекторат бара Охрид да го поништи незаконското одобрение за градба на Лагадин

Со огромна радост ве известуваме дека после неколкумесечна битка за поништување на одобрението за градба на незаконскиот хотел во Лагадин кој лажно се претставуваше како објект во сопственост на ТУИ Холандија, Граѓанската иницијатива Охрид ЅОЅ успеа да ја извојува првата победа!, соопштуваат од иницијативата.

Имено, велат од таму, Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам (ДИГУ) им доставило известување во кое се наведува дека бара од Општина Охрид да го поништи незаконски издаденото одобрение за градба.

„Во меѓувреме, известување стигна и од Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) во кое се вели дека општината го усвоила Општиот акт за Лагадин прекршувајќи ја својата законска обврска да спроведе оцена на влијание врз животната средина! Дополнително, Инспекторатот за животна средина ги потврди и нашите констатации дека објектот не смее да се гради на помалку од 50 м од највисокиот водостој на езерото“, стои во соопштението на Охрид SOS.

Известување од ДИГУ

Известување од ДИГУ

При известувањето, велат од таму, изоставува информација дека при носењето на тој акт Општината им го попречила пристапот до правда на сопствениците на имоти во Лагадин усвојувајќи јавен документ за кој не се одржала јавна расправа каде што би се чуле гласот и мислењето на засегнатите граѓани.

Известување од ДИЖС

Известување од ДИЖС

„Известувањата од инспекторатите се официјално проследени до сите советници од Советот на Општина Охрид. Иако, како што бевме известени од Инспекцискиот совет на РМ, поради комплексната природа на случајот и многуте прекршени закони, постапката е сè уште во тек и конечното решение по случајот допрва треба да го добиеме – убедени сме дека ќе преовлада правдата“, велат од Охрид SOS.

Им се заблагодаруваат на сопствениците на имоти во Лагадин кои, како што наведуваат, активно се вклучиле во процесот и не мислат да дозволат кршењето на законите да помине неказнето.

„Им се заблагодаруваме на сите загрижени граѓани од кои во изминатиов период добивме повеќе пораки со прашања во врска со моменталната ситуација во Лагадин што ни покажува дека будно ја следеле состојбата и дека нашите напори за актуализирање на горливите прашања во Охрид вродиле со плод. Им се заблагодаруваме на сите службени лица кои одговорно и професионално си ја вршеа работата во текот на постапката и ги охрабруваме да продолжат така. Истовремено, ги потсетуваме институциите кои ги прекршиле законите дека ќе одговараат и за најмалото сторено кривично дело“,  се вели во соопштението на иницијативата

Потенцираат дека се раѓа нова надеж, а сите освестени и свесни граѓани можат и ќе се изборат правда.

„Денес не победивме само ние, денес победи и Охрид!“, констатираат од иницијативата.