Преку фотографија на која се гледа термометар на температура од 15 степени, родителот Мите Петков на социјалните мрежи реагира за условите во кои престојуваат учениците од Државниот ученички дом „Мирка Гинова“ во Битола.
Петков преку објава на Фејсбук бара од управата на интернатот решавање на проблемот, посочувајќи дека е нехумано младите да живеат во толку ладни простории во средина на декември.
„Слушам некои незрели изговори, кои не држат вода, дека децата отварале прозори. Па нормално, таму живеат човечки битија, не е тоа стока. Треба да се проветри собата одвреме навреме, но, ако се е ‘ок’ како што не убедувате нас родителите, после извесен период треба собата во кои престојуваат нашите деца да се затопли“, пишува Петков на Фејсбук.
Тој истовремено реагира и дека се намалила храната која ја добиваат учениците сместени во Домот, а голем број граѓани во коментарите на неговата Фејсбук објава испраќаат фотографии на кои може да се види протекување на собите, оштетени подови, радијатори и врати, како и небезбедна електрична инсталација низ собите во интернатот.