„Качуваме и спуштаме куфери од седми спрат, лифтот не работи еден месец“ – поплаки на студенти од „Пелагонија“

Повеќе од еден месец, лифтовите во Државниот студентски дом „Пелагонија“ се расипани, сведочат студенти сместени во домот, кои се жалат и на хигиената во просториите каде престојуваат.

Радио МОФ го посети студентскиот дом и разговараше со студентка, која живее на седмиот кат на домот, во машката зграда, за проблемите со кои се соочуваат студентите.

Студентката која сакаше да остане анонимна, вели дека покрај другите потешкотии со кои живеат, нефункционалноста на лифтовите е посебно мачен процес, кој им одзема многу енергија.

„Ќе се качиш до неколку спрата, па мораш да се одмориш. Особено ако носиш ранец на себе, затоа што доаѓаш од факултет, или од работа, било каква активност која си ја правел во текот на денот. Преизморен си. Дури и внатре кога доаѓаш во соба, испотен си, изморен, немаш енергија. Се прашуваш – зошто ми се случува ова мене? Задишан си, ти требаат барем едно 15 минути да се соземеш, дека си во соба, за да се одмориш и да продолжиш со други активности кои ти се за тој ден“, вели таа.

Во домот, вели, има и читална, каде студентите можат да учат доколку не можат во нивната соба. Таа се наоѓа во женската зграда, па студентите повторно зависат од лифтот.

„Еве на пример, за колоквиумската, морав речиси две недели да слегувам долу, да одам до женска зграда, да се качувам, па повторно истиот процес, неколку пати во денот“, се пожали студентката.

Опишува како, особено ако треба да се враќаат во родниот град, студентите со себе носат куфер и ранец со дополнителни работи или лаптоп.

„Ако нема некој да ти помогне, за да го слезеш куферот, мора сам да се мачиш. Многу макотрпна работа“, објаснува студентката.

Додава дека ова не е прв пат лифтовите да не работат. Претходно се случило лифтот да не работи две недели по што бил поправен.

Студентката информира и за уште еден проблем со кој се соочуваат. Заедно со нејзините цимерки постојано мора да чистат со секакви средства против бубачки. Најчесто тоа не помага, бидејќи се сомневаат дека бубачките доаѓаат од канализацијата, објаснувајќи дека во Домот не е извршена дезинсекција.

„Бубачките, освен што ги има по ВЦ-то, се движат низ соба. Џабе се ‘тепаат’… Сум гледала како наутро, кога станувам, одат по чиниите, едно-друго.. после ти е ‘гнас’ да јадеш. Џабе ќе ги миеш, бубачки се, можат секакви инфекции да се фатат, плус од канализација се“, објаснува таа, велејќи дека бубачки имало и во другите простории на домот.

Проблемот, додава, постои уште од првиот месец кога е вселена, односно од септември.

„Ова ми е трета година. Во прва година ‘седев’ во женска зграда, имаше бубачки, но, не беа толку многу чести. Потоа во втора година, најверојатно беше извршена дезинсекција за бубачки, така што бубачки воошто немаше. Оваа година ми е втора година по ред како ‘седам’ во иста зграда (машка), каде што, најверојатно, има најголем број бубачки“, објаснуваа таа.

Студентката објаснува дека покрај проблемите со лифтовите и бубачките, останатите услови во домот се добри, од аспект на храна, топла вода, греење…

За проблемите кои ги имаат таа вели дека преку Фејсбук група на станарите биле известени дека сите четири лифтови ќе бидат сервисирани и пуштени во функција за околу една недела, бидејќи до скоро траела тендерската постапка за оваа услуга. Дополнително, биле известени дека за скоро време ќе се извршела дезинсекција, за која ќе бидат известени преку соопштение.

Државниот студентски дом „Пелагонија“ на 26 ноември објавил тендер за „одржувавње на лифтови во објектот на ДСД ‘Пелагонија’ – Скопје“, а одлуката за избор на компанија е објавена на 5 декември на веб-сајтот на Бирото за јавни набавки. Договорот е склучен на 12 месеци, а во огласот се наведува дека одржувањето на лифтовите е планирано да започне од 15 декември годинава.

Радио МОФ, до објавување на текстот, не доби одговор на прашањата кои беа испратени до управата на „Пелагонија“ и Министерството за образование и наука.

*Од управата на „Пелагонија“ одговор ни испратија еден ден по објава на сторијата, во која информираат дека на барање на студентите ќе биде извршена дезинсекција и дека лифтовите ќе бидат санирани. Нивниот одговор можете да го прочитате на следниов ЛИНК.

М.К.