Разрешени директорот на „Водовод и канализација“ и Сeкретарот на Град Скопје поради „несоодветно постапување во милионски тендер“

Град Скопје соопшти дека во петокот разрешени се Ѓоко Велковски, кој ја вршеше функцијата секретар на Град Скопје и Златко Перински, кој беше в.д. директор на Јавното претпријатие „Водовод и Канализација“.

Во образложението се наведува дека Велковски бил разрешен поради неговото влијание во спорна тендерска постапка за изведба на пречистителна станица во вредност од 136 милиони евра, средства кои се обезбедени од ЕБОР и ЕИБ.

„Велковски, во петокот е разрешен заедно со в.д директорот на ЈП Водовод и Канализација-Скопје Златко Перински поради обиди за влијание кои се сметаат за тенденција која ги потврдува основаните сомнежи на Град Скопје за самоволие и несоодветно постапување во постапката за избор на изведувач во милионски тендер“, стои во соопштението на Град Скопје.

Велковски, пак, на Фејсбук, нешто пред официјалната информација за негово разрешување напиша дека самиот одлучил да ја напушти функцијата бидејќи, како што вели, бил разочаран од работата на градоначалничката Данела Арсовска.

„Оваа моја одлука ја донесов и поради фактот што сум разочаран од слабиот потенцијал за работа и несоработката од градоначалничката Арсовска во реализацијата на капиталните проекти за Градот Скопје. Ветувањето кон скопјани беше модерна метропола, а резултатите да бидат брзи и сигурни. По речиси една година во Градот, можам да кажам дека таму има поединци и професионалци вработени во Градот кои со децении придонесуваат за развој на Градот и им благодарам за соработката, пожртвуваноста и нивниот придонес. Но воедно залуден е мојот и нивниот ентузијазам кога Арсовска покажува затвореност, поинакви приоритети од ветените, слаба динамика во темпото на реализација додека проблемите се наталожуваат. Во таква една ситуација развојот на Градот Скопје не е можен, иако граѓаните со право очекуваа по нејзиното стапување на функција многу повеќе“, стои во Фејсбук објавата на Велковски.

Велковски посочува дека ќе продолжи да ја извршува функцијата советник во Општина Чаир.