Разговор со авторката Сања Михајловиќ-Костадиновска во Градската библиотека

Во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“, ќе се одржи разговор со писателката Сања Михајловиќ-Костадиновска, во рамки на кампањата #ЧитамеСовремениМакедонскиАвтори, а збирката раскази „(Бес)конечни модели на расказот“ ќе биде и тема на Клубот на читатели предвиден за 26 мај.

Настанот ќе се одржи во среда, во 19 часот во спомен собата „Т’га за југ“.

Разговорот ќе го води книжевната критичарка Александра Јуруковска, а фрагменти од делото ќе чита актерот Андреј Серафимовски.

Збирката „(Бес)конечни модели на расказот“, содржи 80-ина куси раскази поделени во неколку циклуси и тоа: почетнички раскази, иритирачки, деликатесни, ситни, патувачки, вселенски.

„Ефектни, енергични и динамични, минијатурите на Михајловиќ-Костадиновска се одликуваат со една згусната форма, нагласена сликовитост и висок степен на култура на изразот. Истите нудат мошне впечатливи, интересни и возбудливи коментари за видовите нарација кои, несомнено, ќе ја разиграат читателската фантазија и ќе понудат неповторливо читателско искуство. Авторката вешто си поигрува со поривот за раскажување/нарација на еден мошне инвентивен и оригинален начин – ќе напише Лидија Капушевска-Дракулевска.

Сања Михајловиќ-Костадиновска (1982, Скопје) е вонреден професор по шпанска книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Ги има објавено романот „517“, победник на конкурсот „Новите“ во 2015 г., збирките куси-куси раскази „(Бес)конечни модели на расказот“ (2018), „Во Кратки црти“ (2021) и приказната за деца „Сонувалко“ (2019).

Нејзини раскази се преведени на англиски, шпански, словенечки, српски и хрватски јазик во списанија, антологии или посебни изданија, а има учествувано и на повеќе фестивали за кратка проза.

Активно се занимава со превод од македонски на шпански и од шпански на македонски јазик и е член на македонското Здружение на преведувачи и толкувачи.