Распишани се конкурсите за државните награди „Мито Хаџи Василев-Јасмин“ и „Мето Јовановски“ за 2024 година. Конкурсите траат од 1 до 31 октомври.
Со државната награда „Мито Хаџи Василев-Јасмин“ се оддава признание за остварувања во областа на публицистиката и новинарството, а им се доделува на поединци, група творци, екипи, установи, трговски друштва и здруженија на граѓани.
„Државната награда се врачува во Собранието на РСМ на 21 декември, денот на раѓањето на Мито Хаџи Василев-Јасмин. Иницијатива за доделување на државната награда ‘Мито Хаџи Василев-Јасмин’ може да поднесат: установи, трговски друштва, здруженија на граѓани и граѓани“, велат од Министерството за култура и туризам.
Со државната награда „Мето Јовановски“ пак, се оддава највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа на промоцијата, заштитата и унапредувањето на човековите права. Наградата се доделува секоја година на 10 декември, Меѓународниот ден на човековите права.
Државната награда им се доделува на поединци, здруженија на граѓани, неформални групи и други правни субјекти, а иницијатива за доделување на државната награда „Мето Јовановски“ може да поднесат здруженија на граѓани, граѓани, странски државјани, како и други правни субјекти во земјава и во странство.
Конкурсите за државните награди се достапни на веб-страницата на министерството.