Овој пат во рубриката #РаскажиМи го објавуваме расказот „Семкар“ од Давид Стојаноски.
Давид Стојаноски е роден во Прилеп во 2001 година. Тој е бруцош на катедрата за Општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје. Пишува кратка проза, а експериментира и со хаику. Вели дека го интересираат интермедијалните релации на книжевноста со театарот, музиката и сликарството.
Во продолжение прочитајте го расказот „Семкар“.
Семкар
Кога бев мал и кога со татко ми одевме на градскиот стадион да гледаме фудбал, вниманието секогаш ми го привлекуваше еден семкар. Тој всушност не беше само семкар, туку по стадионот со себе влечкаше цела подвижна продавница. Сонцето пука, сите горат од жештини, а тој пробува да заработи по некој денар.
– Сееееемки, сооончооооглееед, гриииицки, нарооооде, повелеетеее!!! – често се слушаше неговиот глас.
Чудно беше како имаше толку многу работи со него, а секогаш ќе се појавеше некој мал палавко, отприлика на моја возраст, и ќе му го побараше баш тоа што во моментот го нема.
– Чичо, случајно да не имаш чоколатце „белисимо“? Или можеееби, „бонитоп“ бонбончиња? – ќе му речеше некој мој врсник на семкарот.
– Е, чичо, баш такви немам. Сакаш некое друго чоколатце? Или „чунга лунга“ мастичиња? Види, имаат и тетоважи. Ќе бидеш фраер. А, што велиш? – се обидуваше семкарот да го убеди детето, иако изгледаше како да знае дека залудно го прави тоа.
– Не сакам такви, за следниот пат набави си вакви какви што сакам! – одбиваше детето, одземајќи му ја секоја надеж.
Веќе уморниот семкар ќе ја оставеше количката настрана, ќе си ја избришеше потта од своето лице и ќе застанеше непосредно пред еден блок од трибините, пушејќи цигара и гледајќи малку од фудбалскиот натпревар. Жештината стануваше неподнослива, а тензијата што растеше на теренот, се префрлаше и кај публиката.
– Евеее гоооо, слободен е, додај му! Смотан еден, не оди сам! Кој те ставил тебе прва постава! Тренер, вади го овој надвор! Стој! Не е толку лош! Ајде сега, додај! Ти со количката што продаваш семки, тука најде ли да застанеш, бе?! Не гледаш ли дека пречиш? Нашиот тим има шанса! Ајде магла оттука! – доаѓаа често овие зборови од нервозните, страсни навивачи.
Кога семкарот ќе го слушнеше тоа, некако со натажен поглед ја земаше својата „продавница“ и се поместуваше понастрана. Како да чекаше да заврши натпреварот што побрзо, мотајќи се безнадежно наваму-натаму, разочаран бидејќи заработил малку пари, но и загрижен затоа што заработува празнејќи ја таа негова количка, а тоа очигледно не му одеше.
– Ајде, сега му е мајката! Контра! Така! Напред! Еве го! Каков фаул, бе!? Шибај! Шут! Шут! Гол! Гол! ГООООООООООООООООООЛ!!!!! ГОЛ ГОЛ ГОЛ ГОЛ ГОООООЛ!!!! Браво, легендо! – ечеше од трибините на градскиот стадион.
– Еј, ти! Со количката, со семките! Дојди ваму! Атер за голов и за сета оваа радост, турај семки за стотче! Море, дај ваму и сончоглед. И пивце имаш, велиш? Дај три, да ги честам и другариве! – како навиени го повикуваа семкарот возбудените навивачи.
Тој трчаше нагоре-надолу, трудејќи се да му удоволи на сите. Очите некако ќе му светнea, ќе се разведреше и надежта му се враќаше. Кога ќе почнеше да ја празни својата количка, очигледно беше задоволен. Сакаше да ја испразни сета до крајот на секој натпревар. Беше насмеан и многу порадосен од претходно.
– Семкиииииии, сончоглеееед, грицкииии, по некое пивце! Навали народе! Од следниот натпревар и разни чоколатца и „бони топ“ бонбончиња за помалите! Смоооокиии, сончоглееед, грицкииии, има и уште некое пивце! Ајде, народе, још мало па нестало! – ги продолжуваше тој своите патешествија и по другите блокови и трибини, надевајќи се дека ќе заработи уште некој денар.
Вакво, или барем слично беше сценариото скоро секој викенд на фудбалските натпревари на градскиот стадион. Но, еден викенд, нашиот клуб изгуби и ја немаше таа голема еуфорија од публиката за нешто да се касне или да се пивне. Го видов истиот семкар, кој луташе по стадионот со својата количка, но продаде само многу малку. Никој не сакаше ни да го види и кога заврши натпреварот, си ја зеде количката и тргна да си оди. Набрзина му побарав двесте денари на татко ми и заминав да го стигнам. Му ги купив семките, а тој ми даде гратис некое евтино сокче од тие што му останале и покрај тоа што јас одбивав. Воопшто не ми се јадеа семки, но бев горд што токму јас придонесов за да му се врати таа искрена, детска радост во очите. Денес, кога и да сум на некој спортски натпревар, секогаш се сеќавам на овој семкар. Ако воопшто е жив, би сакал да го сретнам, да му кажам дека не е сè така сиво и да му ги купам сите семки. А ако сепак не е меѓу нас, сигурно плови по небесните широчини и ме гледа како ја јадам секоја семка во негова чест.
Радио МОФ почна со рубриката #РаскажиМи, каде секој петок објавуваме по еден расказ на македонски јазик. Со рубриката целиме да промовираме домашни и странски автори кои пишуваат, односно се преведени на нашиот мајчин јазик. Истовремено, сакаме да придонесеме во популаризацијата на прозата на македонски јазик.
Сите заинтересирани за објавување на свој расказ во рубриката #РаскажиМи своите дела може да ни ги испратат на info@radiomof.mk, заедно со куса биографија. Нема услови за расказите, освен тие да бидат на македонски јазик.