#РаскажиМи: „Бескрајно сино“ од Јордан Коцевски

Радио МОФ почна со нова рубрика #РаскажиМи, преку која секој петок во неделата ќе објавуваме по еден расказ на македонски јазик. Со рубриката целиме да промовираме домашни и странски автори кои пишуваат, односно се преведени на нашиот мајчин јазик. Истовремено, сакаме да придонесеме во популаризацијата на прозата на македонски јазик.

Сите заинтересирани за објавување на свој расказ во рубриката #РаскажиМи своите дела  може да ни ги испратат на info@radiomof.mk, заедно со куса биографија.  Нема услови за расказите, освен тие да бидат на македонски јазик.

Овој пат во рубриката го објавуваме расказот „Бескрајно сино“ од Јордан Коцевски. Тој  докторирал на Факултетот за туризам и угостителство – Охрид. Работи како туристички водич, додека се обидува да го остави својот печат и како писател.

Првата книга, збирката раскази „Време за живеење“, ја има објавено во 2001 година. Неговата стрип антологија во коавторство со Дарко Богданов, „Мрак Хумор Тишина“ излезе од печат во 2014 година, а со истиот илустратор ја издаде и првата графичка новела „Витези од соседството“ во 2016 година.

Коцевски е добитник е на две награди за стрипот „Our Eden“, додека неговата книга „Прозорецот“ беше наградена и објавена во електронска форма од страна на „Фондација Македоника“ во 2016 година. Неговите кратки стрипови, како сценарист, се објавени во повеќе списанија за стрип во земјата и во странство. Автор е и на триесетина научни и стручни трудови од областа на туризмот и угостителството. Тој е главен и одговорен уредник на „(е)Лит“, електронско списание за книжевност и друга уметност.

Коцевски на 20 октомври ја промовираше збирката раскази „Тегли“ во Младинскиот културен центар.

„Тегли“ на Коцевски е освежување во домашната книжевна продукција, прво затоа што се работи за редок суб-жанр кај нас ‒ трилер и хорор, а потем и самата интригантна приказна што се развива по принципите слични на стрипот. Забележливо е и влијанието на големиот мајстор на хоророт Стивен Кинг, а би било одлично и доколку ова дело добие и филмска адаптација“, пишува промотерката Мерсиха Исмајлоска за збирката.

Во продолжение прочитајте го расказот „Бескрајно сино“.

Бескрајно сино

Некој ме заниша. Мислев дека ми се причинува и млитаво одмавнав со раката вртејќи се на спротивната страна. Нишањето прерасна во тресење проследено со наредба „станувај“. Ми требаше време за да го препознам гласот. Полека ги отворив очите.

По кој знае кој пат се соочив со глетката пред себе, но не сакав да ја прифатам. Синило. Бескрајно. Насекаде. Водата и небото се спојуваа во недопирливата далечина.

„Брзо! Имаме работа!“

„Но…“

„Животните се во водата. Мораме да ги спасиме.“

„Јас, ли?“

„Двајцата!“ рече и ме турна во водата.

Брзо ја кренав главата на површината и ги истрив очите. Сол. Го игнорирав пецкањето и погледнав пред мене. Коалата и глувците пловеа на една дрвена површина, стотина метри пред мене. „Што ли се случило со нашиот брод додека спиев?“ помислив. Немав време да побарам одговор од капетанот. Таа беше на спротивната страна. Го слушав пласкањето на водата под нејзините раце. Пливаше побрзо од мене. Се доближував до животните. Ја испружив раката за да га допрам сплавот, но тој како да ми побегна. Се понадевав дека не е струја и се издолжив колку што можев подалеку.

„Ајкула! Ајкула!“

Гласот од капетанот допре до мене во моментот пред да ја дофатам дрвената површина на која беа животните. Во паника, раката ми се слизна и ги оттурнав подалеку.

„Можеш! Побрзо, кај тебе доаѓа. Побрзо!“

Посегнав со раката, додека нозете ми работеа. Коалата ме фати за прстот и сплавот беше до мене. Се свртив кон бродот и видов две работи. Прво капетанот беше на бродот и ги имаше спасено останатите животни. Второ ајкулата доаѓаше кон мене. Почнав да замавнувам со нозете најбрзо што можев. Перката штотуку го заобиколи бродот. Капетанот беше на работ, нејзиното тело целосно наведнато над океанот. Ги подадов животните кон неа. Додека таа ги земаше, го забележав бранувањето на водата до мене. Се фатив со двете раце на бродот и почнав да се подигам. Огромна уста со остри заби патуваше кон мене. Ги почувствував рацете на капетанот на мојот грб. Ме повлече нагоре, а на стапалата почувствував струење од воздух.

„Ти благодарам капетане.“

Бродот се заниша.

„Немаме време. Мора да се скриеме.“

Удар и уште едно нишање.

Срамежливо погледнав надолу. Ајкулата го напаѓаше бродот. Маваше во него. Се исправи и со забите загриза на работ во мојата близина.

„Што чекаш? Собери ги сите животни и брзо во кабината!“

„Но…“

Сакав да дебатирам дека ајкулите не можат вака да прават, да напаѓаат, да дојдат на бродот, но командата на капетанот „веднаш!“ ме оттргна од мислите и стави во акција. Ги внесувавме внатре. Долу. Капетанот брзо ја затвори вратата.

Темница. Бам! Молчиме. Трес! Бам! Капетанот ми даде знак да бидам тивок. Бам! Звукот е близок, како, како да е на палубата. Но, како е тоа можно? Сакав да вриснам. Капетанот забележа. Повторно го стави показалецот на моите усни и се врти кон вратата. Чекаше. Одеднаш светлина влезе во темната просторија. Капетанот без размислување замава со ногата директно по ајкулата.

Ајкулата викна, „аааааххххх“, од болка и се свитка на палубата. Капетанот се сврти кон мене со искривена уста надолу, рамената сосем малку собрани. Веднаш ја прекорувам:

„Зошто го мавна брат ти толку силно?“

„Но, тато, тој беше ајкула ќе нè изедеше.“

„Толку! Нема повеќе вакви игри. Сине, добро си?“