#РаскажиМи: пет кратки „Зен приказни“

Овојпат во рубриката #РаскажиМи читаме пет кратки зен приказни, објавени во истоимената збирка која е дел од проектот „Ѕвездите на светската книжевност“, во издание на „Магор“. Збирката „Зен приказни“ ја подготвиле книжевниците Владимир Јанковски и Владимир Мартиновски.

Еден од најзначајните современи проучувачи на зенот, Д. Т. Сузуки вели: „Вистината за зенот, или барем една трошка од вистината, е во тоа што здодевниот живот, животот на едноличното секојдневие што не нѐ  вдаховнува, го претвора во живот-уметност, исполнет со вистинска внатрешна креативност“.

Овие клучни елементи длабоко се вгнездени во зен приказните. Преку мошне луцидните, необични, продлабочени, навидум едноставни приказни, елегантно се посочува на клучните доблести што се практикуваат и треба да се стекнат: бескомпромисна решителност, истрајност, скромност, едноставност, милосрдие, посветеност, самодоверба, храброст, остроумност, самоконтрола.

Сложените корени на зенот досегаат до индискиот будизам, но во него се чувствуваат влијанијата на таоизмот и конфучијанството, како и јапонскиот сензибилитет кој го има вткаено зенот во голем број уметности…

КАЛЛИВ ПАТ

Еднашка Танзан и Екидо заедно патувале по еден каллив пат.
Сѐ уште паѓал пороен дожд.

На патот сретнале убава девојка, облечена во свилено кимоно и појас, која не можела да го премине крстопатот.

„Дојди девојко!“ рекол отсечно Танзан,

Ја подигнал девојката и ја пренел преку калта. Сѐ до вечерта, кога конечно стигнале до храмот во кој требало да преноќат, Екидо не изустил ни збор. Но тогаш веќе не можел да се воздржува.

„Ние свештениците не им се доближуваме на жените“, му вели на Танзан, „особено ако се млади и убави. Тоа е опасно. Зошто го стори тоа?“

„Јас девојката ја оставив таму“, рекол Танзан, „А ти сѐ уште ли ја носиш“?

***

ПАЈАК

Една тибетанска приказна раскажува за ученик по медитација кој, додека медитирал во својата соба, бил убеден дека видел пајак како се симнува накај него. Заканувачкото суштество секој ден се враќало, секојпат станувајќи сѐ  поголемо.  Ученикот толку се исплашил што отишол кај учителот да го извести за својата недоумица. Му рекол дека има намера да стави нож во својот скут за време на медитацијата, за да може да го убие пајакот кога ќе се појави. Учителот го посоветувал да се откаже од планот. Наместо тоа, му предложил да земе парче креда, па кога ќе се појави пајакот, да напише „Х“ на неговиот стомак. Потоа повторно да го извести.

Ученикот се вратил на својата медитација. Кога пајакот повторно се појавил, тој оддолеал на нагонот да го нападне, и наместо тоа го сторил она што го советувал мајсторот. Кога се вратил подоцна кај мајсторот, учителот му рекол да ја подигне маичката и да си го погледне стомакот. Таму било напишано „Х“.

***

АКО ЉУБИШ, ЉУБИ ЈАВНО

Дваесет свештеници и една свештеничка, која ја викале Ешун, медитирале со некој учител по зен.

Иако главата ѝ била избричена, а наметката сосем проста, Ешун била многу лична. Неколку свештеници скришно биле вљубени во неа. Еден од нив ѝ напишал љубовно писмо, во кое барал таен состанок.

Ешун не одговарала. Следниот ден учителот одржал јавно предавање. Кога било завршено, Ешун станала. Му се обратила на оној што го напишал писмото:

„Ако навистина толку ме љубиш, дојди сега и прегрни ме“.

***

БЕГАЈЌИ ОД ТИГАР

Еден човек поминувајќи низ едно поле наишол на тигар. Човекот почнал да бега, а тигарот се стрчал по него. Доаѓајќи до еден амбис, човекот се фатил за корен од дива лоза и почнал да се спушта надолу. Тигарот го душкал од горе. Тресејќи се, човекот погледнал надолу, каде што, далеку долу, друг тигар чекал да го изеде. Само лозата го држела.

Две глувчиња, едно бело, едно црно, малку по малку, почнале да ја глодаат лозата. Тогаш човекот забележал сочна јаготка покрај себе. Држејќи се за лозата со една рака, со другата рака ја скинал јаготката. Колку била слатка!

***

ПОКАНА ЗА НАМЕТКАТА

Некои имотни покровители го повикале Икју на прием. Икју пристигнал облечен во својата питачка наметка. Домаќинот, не препознавајќи го, го избркал. Икју се вратил дома, ја облекол својата церемонијална наметка од темноцрвен брокат, па се вратил. Потоа со големи почести бил воведен до собата за приеми. Таму ја ставил својата наметка на една перница, велејќи, „Претпоставив  дека сте ја повикале наметката бидејќи пред малку ме избркавте“, и си заминал.

Со петочната рубрика #РаскажиМи промовираме домашни и странски автори кои пишуваат, односно се преведени на нашиот мајчин јазик. Истовремено, сакаме да придонесеме во популаризацијата на прозата на македонски јазик.

Сите заинтересирани за објавување на свој расказ во рубриката #РаскажиМи своите дела може да ни ги испратат на info@radiomof.mk,  со куса биографија.