Овој пат во рубриката #РаскажиМи го објавуваме расказот „Наочарите на Кларк Кент“ од Сања Михајловиќ-Костадиновска.
Таа е родена во Скопје и работи на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје како професор по шпанска книжевност. Ги има објавено новелата „517“, победник на конкурсот „Новите“ во 2015 година, како и збирките куси-куси раскази „(Бес)конечни модели на расказот“ (2018), „Во кратки црти“ (2021) и приказната за деца „Сонувалко“ (2019).
Нејзини раскази се објавени на македонски, српски, англиски и шпански јазик во неколку списанија и антологии, а учествувала и на повеќе фестивали за кратка проза.
Наочарите на Кларк Кент
Се шантрам ко пијан низ тезгите на пазар, барајќи го Боро, мојот долгогодишен оптичар. Често ги губам или ги кршам наочарите, па Боро од сожалување секогаш ми дава разумен попуст. Во магла го здогледувам како дреме зад тезгата и како што му приоѓам сè појасно ја гледам големата тртка на неговото чело, поставена точно на средината, како некое копче што ти е страв да го откопчаш зашто не знаеш на што ќе налеташ. Се поздравуваме весело, си муабетиме за жена-деца-политика-ах-мамата-нивна и други омилени теми, а во меѓувреме тој почнува да ми ги покажува најновите модели на рамки. Некако ниедна не ми одговара на моето остарено лице, па Боро почнува да вади и од под тезгата и веќе имам пробано над триесет модели, но не можам да се одлучам. Тогаш Боро ми вели да почекам. Оди некаде и се враќа со некаква кутија:
– Овој пар го чував само за тебе. Со нив ќе станеш друг човек! Нема да може да те познаат!
– Нешто како наочарите на Кларк Кент – се смеам.
– Подобро!
Ги пробувам. Боро никогаш не ме излажал. Ми стојат како создадени за мене! Се спогодуваме за цената, праќаме взаемни поздрави до жена-деца и го оставам да си ја додреме партијата.
Не се сеќавам по кој редослед се случија нештата, но жена ми се остави, децата не сакаат да ме видат, ме отпуштија од работа, во продавница не ми даваат веќе на рабуш.
Некогаш навечер ги вадам наочарите и долго се гледам во огледалото. Имам фаца на супер-херој, сум си ебал векот.
Радио МОФ почна со рубриката #РаскажиМи, каде секој петок објавуваме по еден расказ на македонски јазик. Со рубриката целиме да промовираме домашни и странски автори кои пишуваат, односно се преведени на нашиот мајчин јазик. Истовремено, сакаме да придонесеме во популаризацијата на прозата на македонски јазик.
Сите заинтересирани за објавување на свој расказ во рубриката #РаскажиМи своите дела може да ни ги испратат на info@radiomof.mk, заедно со куса биографија. Расказите и преводите треба да бидат на македонски јазик.