#РаскажиМи: „Фотелјата што го изеде маж ми“ од Ана Голејшка

Овој пат во рубриката #РаскажиМи го објавуваме расказот „Фотелјата што го изеде маж ми“ од Ана Голејшка.

Ана Голејшка е родена во 1987 година во Скопје. Таа дипломирала на Катедрата за општа и компаративна книжевност, a нејзина прва издадена книга е поетската збирка „Љубов на улица“ (2013), за која вели дека е поезија за ритамот на нејзиниот живот. Таа ги издаде и книгите „Веселата зграда“ и „Лисичката плетачка“, кои се дел од новиот бран на македонска книжевност за деца. Со свои песни е преведена на српски, турски и англиски јазик.

Голејшка сака да пее и да изведува, а јавноста ја знае и преку нејзиното учество во иницијативата #РетвитниОброк.

Во продолжение прочитајте го расказот „Фотелјата што го изеде маж ми“.

Фотелјата што го изеде маж ми

Ја купивме на старо, од еден продавач на мебел зад новата месарница по уличето што гледа кон белите ридови обраснати со елки како пајажина од густи игли. Сивкаста, избледена, но делуваше цврста како мозочна обвивка на некој мудрец. Силуетата на фотелјата беше издолжена, речиси човечка. Ја презирав, затоа што беше неговото омилено место за игнорирање на светот. Кога ќе седнеше на неа, маж ми се претвораше во невидлив чад или пареа. Дури и мачорот Муртје не смееше да седнува на неа, а скраја било да ја канџосува кога ќе му надојдеа будалите.

Едно утро, по тешка расправија како облачен ден, излегов од дома во потрага по изгубеното време. Не носев часовник, клуч, паричник. Ништо што би можело да ме задржи во реалноста. Му реков дека го оставам, дека не можам да го поднесам неговото исчезнување, неговото неподносливо присуство без постоење, леснотијата со која ги мазнеше двата потпирачи за рацете на фотелјата, замислениот поглед некаде надвор од нас. Од дома. Надвор од нашата љубов, онаа која тој ја романтизираше без да ја спознае.

Кога се вратив, фотелјата беше празна. На неа стоеја само наочарите на маж ми и отворениот весник со подвлечен денешниот датум. Никакво присуство, никакво отсуство.

Мачорот горделиво скокна на неа и за’ржа, а јас само тивко ја затворив вратата. Мачорот сепак е господин човек и има право на своја фотелја.

Радио МОФ почна со рубриката #РаскажиМи, каде секој петок објавуваме по еден расказ на македонски јазик. Со рубриката целиме да промовираме домашни и странски автори кои пишуваат, односно се преведени на нашиот мајчин јазик. Истовремено, сакаме да придонесеме во популаризацијата на прозата на македонски јазик.

Сите заинтересирани за објавување на свој расказ во рубриката #РаскажиМи своите дела може да ни ги испратат на info@radiomof.mk, заедно со куса биографија. Нема услови за расказите, освен тие да бидат на македонски јазик.