„Расизмот убива“ – протест пред чешката амбасада по смртта на младиот Станислав Томаш

Граѓанското движење „Аваја“ најави протест на 3 јули со почеток во 11 часот пред Амбасадата на Република Чешка во Скопје, по смртта на младиот Станислав Томаш во градот Теплице. Собирното место на протестот, организаторите најавуваат дека ќе биде ширинката пред основното училиште „Кочо Рацин“, по што протестот ќе продолжи пред амбасадата.

Како што пренесува „Евроњуз“, Томаш починал по инцидент кој се случил со полицијата на 19 јуни. На видеото кое стана вирално на интернет се гледа како полициски службеник клечи на вратот на Томаш неколку минути, а тој подоцна починал во возило на брзата помош.

„Чешките власти предводени од премиерот Андреј Бабиш, претседателот Милош Земан и министерот за внатрешни работи Јан Хамашек не ја осудија полициската бруталност од полициските припадници туку напротив се заблагодарија за нивната реакција и дадоа поддршка на полицијата од Теплице. Ова е последен случај на полициската бруталност со кој Ромите низ Европа се соочуваат. Во полициска бруталност во септември 2020 во Битола беа претепани тројца Роми за кои се уште нема судска разрешница“, се вели во најавата за настанот.

Чешките власти, како што тврдат од „Аваја“ се обидуваат да го оправдаат инцидентот како употреба на легитимна сила тврдејќи дека Томаш бил под дејство на зависни супстанции.

„Од видеото што кружи на социјалните мрежи се гледа како полицаецот клечи околу 5 минути на вратот на Станислав, а потоа сфаќа дека повеќе не се помрднува по што повикуваат амбулантно возило. Полициската бруталност кон Ромите е највидливиот начин на функционирање на системскиот расизам во Европа. Таа се заснова на неограничената сила на полицајците кои гледаат и третираат секое ромско лице како криминалец“, додаваат од „Аваја“.

Оттаму истакнуваат дека сега е моментот да се покаже солидарност, како што во случајот со Џорџ Флојд и движењето „Black Lives Matter“.

„Ги повикуваме сите активисти, граѓански организации и граѓани да дојдат на протестот на 3 јули во сабота пред чешката амбасада, да покажеме храброст и да кажеме НЕ на полициската бруталност. Слободното општество е општество без полициска бруталност. Не треба да се чувствуваме небезбедни во сопствените заедници или загрозени од органите на прогонот заради бојата на кожата, предрасудите, стереотипите и расизмот“, порачуваат од организацијата.

На протестот, тие од чешката влада бараат независна истрага со што ќе се истражува случајот на полициска бруталност во која беше убиен Томаш, но и креирање на независна комисија што ќе ги разоткрива прекршувањата на полициските правила и практики во ромските заедници.