Рајковски: Вицепремиерот Пешевски ми рече дека знаел кој ме праќа

Надлежните од Министерството за образование и наука и средношколците и на четвртата средба не постигнаа заеднички договор. Средношколците се жалат на арогантниот однос на вицепремиерот Владимир Пешевски за време на денешната средба.

Дејан Рајковски од Средношколски пленум се пожали дека бил етикетиран. Односно, Пешевски за време на средбата рекол „Знам кој те праќа“.

„Вицепремиерот смета дека нема потреба да ги водиме преговорите, тоа можеше веднаш да го каже на маса, а не потоа да изјавува. Ние сме спремни да дојдеме до решение, но во однос на барањето за екстерното тестирање не можеме да стигнеме до никаков компромис“, рече Рајковски.

За овој случај, дополнително ќе излезе со став групата која ја мониторираше средбата, односно претставници на Народниот правобранител, детската амбасада „Меѓаши“ и Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Средношколците велат дека понудиле неколку решенија на коишто претходно работеле, меѓутоа нивните предлози не се прифатени. Вицепремиерот Пешевски заедно со министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми и заменик-министерот Спиро Ристовски соопштија дека конечниот став на Владата и МОН е матурскиот испит оваа година да се полага согласно стариот концепт. Нагласија дека математиката нема да биде задолжителна и нема да постои електронско тестирање. Најавија и формирање работни групи кои ќе служат за унапредување на начинот на кој се полага матура и екстерното тестирање.

„Официјални преговори тешко е да се каже и дека постојат бидејќи се поставува прашањето за репрезентативноста, но оние групи со коишто бевме во контакт, беа сослушани, како и нивните барања. Нема простор за преговори бидејќи учениците не можат да постигнат со подготовките“, изјави Пешевски по средбата со средношколците.

Тој апелираше до учениците, наставниците, директорите и до родителите, од понеделник учениците да се вратат на настава.

Средношколците сметаат дека надлежните немаат волја да го решат проблемот. Сепак, велат дека не се откажуваат и најавија дека ќе го продолжат бојкотот во училиштата и импровизираниот камп пред Министерството за образование и наука.

„Сметаме дека доколку има волја проблемот ќе биде решен и решенија ќе се изнајдат. Сметаме дека во овој момент никој не ни покажува волја и желба проблемот да биде решен. Меѓутоа, не се откажуваме и понатаму ќе имаме активности со кои ќе покажеме дека ние сме засегнати од овие работи и ние нема да отстапиме од нашите две барања. Се надеваме дека во најбрз можен рок тие барања ќе бидат прифатени“, рече Александра Филипова од Средношколскиот пленум.

Во меѓувреме, граѓани продолжуваат да се потпишуваат на петицијата за поддршка на барањата на средношколците. Денеска, поддршка дадоа и стечајците кои по протестот кој го одржаа пред Министерството за труд и социјална политика и пред Владата ги посетија средношколците во кампот и се потпишаа на петицијата.

Претставници на Наставнички пленум пак, денеска се сретнаа со евроамбасадорот Аиво Орав. Главни теми на средбата биле образовниот процес, притисоците од директорите и МОН врз наставниците, но и причините за формирање на пленумите. Од страна на Орав, им било посочено дека постојано се следи ситуацијата со средношколците, како и дека ќе го посети средношколскиот камп во следните денови.