Наставниците разговараа со Орав за проблемите во образованието

Образовниот процес, притисоците од директорите и МОН врз наставниците, но и причините за формирање на пленумите, биле главните теми на разговор во текот на средбата на евроамбасадорот Аиво Орав и петчлената делегација на Наставничкиот пленум.

Како што соопштија од Пленумот,  наставниците ја истакнале и својата поддршка кон барањата на Средношколскиот пленум и најавиле дека ќе бараат прием во ресорното Министерство за да се најде заедничко решение.

„Не ни ветија ништо, ниту баравме некои ветувања од еврокомесарот. Ние сакавме само да го информираме за нашите идни активности. Понатаму ќе бараме прием во МОН, да се сменат законите за кои се залагаме и да ги прифатат нашите барања. Се ближи екстерното тестирање и нема повеќе време за одлагање“, изјави по средбата професорот Владо Димовски.

На едночасовната средба било разговарано и за несогласувањата на Пленумот со синдикатот, како и за идните активности. Од страна на Орав, посочи Димовски, им било посочено дека постојано се следи ситуацијата со средношколците, како и ќе го посети средношколскиот камп во следните денови.