Работилница за креирање накит од стара облека во „Ништо ново“

Во Центарот за поправки „Ништо ново“ на 9 јули (среда) од 17:30 до 19:30 часот ќе се одржи креативна работилница за креирање накит од стара облека.

„Старата облека не мора да заврши во канта од неа можеме да создадеме уникатни модни додатоци! На оваа креативна работилница ќе учиме како да направиме брошеви, обетки, ѓердани и слично, користејќи стара облека и текстил. Совршена можност за одржлив стил и креативност“, стои во повикот на „Ништо ново“.

За учество на работилницата, задолжително е да се пополни пријава:  https://forms.gle/b6ddHXWNqYMgg5aGA

„Ве охрабруваме да донесете стара облека (маици, кошули, фустани, тексас) и стар накит што веќе не го носите – ќе ги искористиме механизмите и деловите од накитот за да создадеме нови, креативни модни додатоци. Местата се ограничени – ќе се следи принципот прв дојден, прв услужен“, соопштуваат од „Ништо ново“.

Инаку, Центарот за поправки се наоѓа во Кисела Вода во Скопје. Независно дали на некој му треба да го наостри кујнскиот нож, да го поправи тротинетот, или да зашие облека – тоа може да направи самостојно, користејќи ја опремата во „Ништо ново“.

Наместо да се купуваат нови производи и да се трупа отпад, од „АРНО“ велат: „ајде да поправаме“. Граѓаните да учат како да поправаат, следат работилници, да разменуваат предмети, изјамуваат алат и да ги менуваат потрошувачките навики.