Со обраќање на националната телевизија војската во Габон соопшти дека ја презеле власта во земјата поништувајќи ги резултатите од изборите кои се одржаа во саботата на кои победи досегашниот претседател Али Бонго.
Изборната комисија информираше дека Бонго освоил речиси две третини од гласовите на изборите за кои опозицијата обвинуваше дека се фалсификувани.
12 војници се појавија на државната телевизија утрово најавувајќи дека ги поништуваат изборните резултати и дека ги распуштаат сите институции во републиката. Тие соопштија и дека државните граници ќе бидат затворени на неодредено време.
„Одлучивме да го браниме мирот, преку ставање крај на актуелната власт. Причина за ова е неодговорното и непредвидливото владеење кое резултираше со континуирано поткопување на социјалната кохезија што претставува ризик земјава да ја однесе во хаос“, изјави еден од војниците кој говореше на ТВ Габон 24.
Рушењето на Бонго од власт може да значи крај на владеењето на неговото семејство во Габон кое трае 53 години.
Габон е еден од најголемите производители на нафта во Африка, додека речиси 90% од земјата е покриена со шума.
Доколку биде потврдено, ова ќе биде осмиот пуч во поранешните француски колонии во Африка во последните три години. Сепак, повеќето од овие воени преврати се случуваа на северот во регионот Сахел, каде растот на исламизмот водеше кон зголемено незадоволство меѓу јавноста дека демократски избраните власти не ги штитат интересите на населението.
До овој момент уште нема одговор од официјалните власти на тврдењата на војската, а не е познато ни каде се наоѓа претседателот Бонго.
Во земјата е блокиран пристапот до интернет по изборите во саботата поради безбедносни причини, но пристапот беше повторно овозможен набрзо по пучот. Во земјата исто така е воведен полициски час.
Како и на претходните избори во Габон и сега имаше сериозни обвинувања околу изборниот процес. Главниот опозициски кандидат, Алберт Ондо Оса, критикуваше дека на многу избирачки места го немало неговото име на гласачките ливчиња. Активистите од Репортери без граници, пак, информираа дека странските медиуми имале забрана да влезат во земјата за да известуваат за изборите.
Претседателот Бонго дојде на власт во 2009 година по смртта на неговиот татко Омар. Во 2018 имаше мозочен удар, по што во јавноста се појавија повици за негово заминување на власт. Следната година во земјата имаше неуспешен пуч, по што војниците кои учествуваа во побуната беа ставени во затвор.