Првомајски протести за работнички права во Скопје и Куманово

„ССМ мафија“, „Бараме работнички права“, „Во Собрание сите сте исти“ извикуваа работниците и членови на повеќе синдикати на денешниот протест по повод 1 мај – Меѓународниот ден на трудот.

prvi maj

Додека Сојузот на синдикати (ССМ) денешниот 1 мај го одбележа симболично со собир на плоштадот „Македонија“ и одржување на свечена седница, членови и претставници на повеќе синдикати протестирајќи пред Собранието и Владата, упатија неколку барања до власта, сметајќи дека ситуацијата со работниците во државата е лоша, објави А1он.

Тие бараат Законот за дискриминација да не дискриминира и ефективно да ги казнува прекршителите. Во однос на законот, бараат да се изедначи минималната во сите сектори уште во 2014 година, а не во 2018-та, а работодавците за кои ќе се утврди дека не ја исплаќаат минималната плата дасе казнуваат со парични казни, а не да добиваат покани за едукација. Од аспект на правото за синдикално организирање, претставниците на синдикатите сметаат дека се потребни промени во законската и подзаконската регулатива, за да не се одолговлекува процесот на регистрација на синдикатите.

За нив, досега, тоа претставува мртво слово на харија. Претседателот на Конфедерацијата на независни синдикати, Марјан Ристески вели дека повеќе немаат намера да молчат, а од репрезентативните синдикати „им е преку глава“ и тие немаат доверба во самите себе.

„Ги повикуваме работниците да се приклучат кај нас и сите заедно да го вратиме достоинството на работникот кој го има изгубено. Ги повикувам од Министерстовот за труд и социјала да погледнат колку луѓе работат денеска на празникот и дали ќе земат плата. Денес има работници кои работат по 12 часа, а им се плаќа само за осум часа работно време“, вели Ристески.

Според Здравко Савески од левичарското движење „Солидарност“, 1 мај може да се слави единствено преку протест, а за прв пат два синдикати од Прилеп и Куманово се приклучуваат кон овој чин.

За претседателката на Самостојниот синдикат на новинари, Тамара Чаусидис, барањата кои тие ги имаат мора да бидат наметнати, бидејќи ситуацијата е неиздржлива.

Освен во Скопје, невладиниот и граѓанскиот сектор, со поддршка од независни синдикати, стечајни работници и студенти, со симболичен протест и во Куманово го одбележаа Меѓународниот ден на трудот.

Извор: А1он