Прва тужба за учебник од високо образование според новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација

Коалицијата „Маргини“ и Мрежата за дискриминација поднесоа тужба за утврдување на дискриминација во учебникот „Основи на персонологија 2“ од професорот Благоја Јанаков. Ова е прва тужба против учебник од високо образование врз основа на новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација.

Оттаму велат дека обвинувањето на жените за зголемувањето на бројот наразводи, осудите на прекинувањето на бременост и квалификување на истополовите партнерства како забеганост се само дел од содржините кои треба да се променат и заменат со научно заснована содржина.

Од Коалицијата „Маргини“ нагласуваат дека подолго од една декада работат на елиминирање на дискриминирачките содржини во учебниците кои содржат невистини, научно незасновани ставови преку кои се одржуваат родовите предрасуди и стереотипи и се вознемируваат луѓето со различна сексуална ориентација и родов идентитет.

📢 Коалиција Маргини и Мрежа за заштита од дискриминација ја поднесоа првата тужба против учебник од високо образование…

Posted by Коалиција Маргини on Wednesday, December 9, 2020

„По неколку обиди да го привлечеме вниманието на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, на Филозофскиот Факултет и на авторите на спорните учебници кои се дел од наставната програма на оваа единица, и да побараме повлекување на спорните содржини, наидовме на отпор и игнорирање на нашите барања. Споменатиот автор на учебникот е веќе професор во пензија, но неговите спорни учебници сѐ уште се користат во наставата на овој факултет. Идентификуваваме повеќе од 20 учебника во сите нивоа на образование што содржат дискриминирачка содржина, најчесто врз основа на род, сексуална ориентација, родов идентиет и здравствен статус, а по наша иницијатва дел од овие учебници беа отстранети. Сепак, останува фактот дека образовните програми и материјали сé уште се полни со содржини што создаваат и одржуваат понижувачка и непријателска средина за жените, сексуалните и родовите малцинства“, истакнуваат тие.

За потребата од измена на наставните материјали во 2011 година укажала и Европската комисија во Извештајот за напредокот на држата, но од организациите потенцираат дека досега многу малку се има постигнато на ова поле.

Од Коалицијата Маргини и Мрежата за заштита од дискриминација информираат дека покрај судската постапка, започнуваат со серија активности за подигнување на свеста на стручната и општата јавност за потребата од реформи во образованието со кои ќе се обезбеди квалитет во знаењата, напредок во науката и создавање нови генерации на вистински професионалци кои во својата професија ќе се водат од фактите, а не од предрасудите.

Радио МОФ и претходно пишуваше за проблематичната содржина на учебникот.

По невремето има виножито, ЛГБТИ+ младите отворено за проблемите со кои се соочуваат