Прва дигитална климатска конференција „Дали природата го возвраќа ударот?“

Под мотото „Дали природата го возвраќа ударот“, оваа сабота на 27 март, различни експерти ќе дискутираат на првата дигитална климатска конференција. Конференцијата ќе започне во 19:30 часот,  а со неа виртуелно ќе се одбележи  годинашната акција „Часот на планетата Земја“.

На конференцијата премиерно ќе бидат претставени климатските акции на македонците преку презентацијата „Кон зелена иднина со амбициозни климатски акции“ на Павлина Здравева, координатор за климатски промени во канцеларијата на УНДП во земјава.

Дополнително, ќе се одржат и три дебати во кои ќе учествуваат претставници од локалната власт од Скопје и Охрид, претставници од Собранието, бизнис секторот и невладините организации. На дебатите ќе се расправа на теми поврзани со забрзаното уништување на природата и за начините како да го промениме нашето живеење за да ја осигураме иднината на планетата Земја.

„Освен официјалниот дел, во текот на конференцијата ќе биде презентирано и моќно вирално видео преку кое Часот на планетата Земја и Светскиот фонд за природа (WWF) ќе се обидат да испратат порака на надеж, како што успеавме да се прилагодиме да живееме и дејствуваме против пандемијата, на сличен начин да се обидеме да дејствуваме против уништувањето на природата“, велат организаторите.

Оттаму дополнуваат дека оваа година преку светскиот едночасовен мрак ќе се алармира кон зачувувањето на природата и биодиверзитетот, намалувањето на ефектот од климатските промени и одржливото живеење се пресудни за нашата иднина на оваа планета.

Конференцијата ќе биде бесплатна за сите заинтересирани граѓани и ќе се емитува во живо на сите социјални канали на Часот на планетата Земја – @EarthHourMK или на веб страницата со почеток од  19:30 часот.

Оваа година, Часот на планетата Земја ќе се одржи на 27 март (сабота), кога во 20:30 часот по локално време во мрак ќе потонат над 8.000 града во преку 180 држави ширум светот, а меѓу нив дел е Македонија.

Започнувајќи како симболичен настан во Сиднеј во далечната 2007 година, Часот на планетата Земја сега се одбележува во повеќе од 180 земји и територии како глобален момент на солидарност за планетата.