Прв голем соло концерт на „Буч Кесиди“ во Скопје

Српското електро – рок дуо „Буч Кесиди“ ќе го одржи својот прв голем соло концерт во Македонија на 5 јули на Стадионот на АРМ во Скопје.

„Гласна музика, џускање, еуфорија, светкави костими и заразни битови – со спојот на инди – рок и синт – поп како своевидна друштвена хроника на љубовниот живот на младите и адолесцентите. Во 2019 година Буч Кесиди го освојуваат регионот и ги воспоставуваат сингловите ‘Нема љубави у клубу’ и ‘Недеља ујутру’ како химни на една цела генерација на млади во регионот. Останатото е историја“, велат од Авалон продукција.

Дуото периодов одржа неколку концерти во Белград, Загреб и Нови Сад и 7 последователни концерти во Сакс во Загреб.

„Буч Кесиди се единствениот млад бенд кој успешно ги спои ‘андерграундот’ и комерцијалното, со што станаа еден од најпотентните бендови во регионот“, велат од Авалон.

Влезниците се веќе во продажба онлајн на ticketx.mk и во продажната мрежа на ticketx низ Македонија.