Прв ден на дебатниот турнир „Skopje Open 2015“

Четири рунди дебатирање, набљудување на скопската бруталистичка архитектура од социјалистичкиот период и дружење на натпреварувачите беа дел од денешната агенда на дводневниот дебатен турнир „Skopje Open 2015“.

„Досега искуството е многу пријатно. Луѓето во Македонија се многу фини. Има одлична конкуренција, многу добри дебатери. Од она што го видов досега, имам само добри впечатоци“, вели учесник на турнирот од Израел.

„Невообичаено и особено добро ми е што гостопримството овде е неверојатно. Имаме одлична храна и дружење. Ми се допаѓа тоа што домаќините постојано прават да се чувствуваме удобно и да нé прошетаат на различни места. Тоа прави да се чувствувам како да сум дома, воопшто немам чувство како да сум странец овде, никој не нé игнорира. Кога одам на дебатни турнири, често се чувствувам како да не припаѓам таму. Како човек кој доаѓа од Азија, често се чувствувам дискриминирано. Секогаш се става приоритет на американските и европските тимови. Затоа е особено добро да се дојде на место каде не се чувствуваш изолирано и игнорирано. Напротив, поудобно ми е од кога и да било бидејќи сите се пријателски настроени кон нас“, вели натпреварувач од Сингапур.

Учесничка од Хонг Конг смета дека иако Македонија е културолошки многу поразлична од нејзината татковина, поради пријателски расположените волонтери  не се чувствува како да е на далечно место.

„ Се изненадив од тоа колку средношколци се ангажирани во ова и сакаат да помогнат. Многу ме прави среќна што имам шанса да се дружам со дебатни тимови кои досега не сум имала шанса да ги запознаам. Во последните две рунди, конкуренцијата е одлична и целиот турнир тече добро. Мислам дека има добри тимови“, смета таа.

Почнувајќи од 9:30 часот, натпреварувачите од повеќе од 40 земји во светот денес се претставија со своите тези на актуелни глобални теми поврзани со човековите права, демократијата, економските слободи и граѓанското општество. На денешниот дневен ред имаше четири рунди, кои може да се следат преку онлајн стримингот на Радио МОФ. Последната, петта рунда е закажана за утре, после што следува полуфиналниот и финалниот круг.

Финалната дебата е закажана за 15 часот, а после неа ќе бидат објавени и победниците на завршната церемонија.

На турнирот во Скопје се натпреваруваат повеќе од 100 учесници. Skopje Open е и официјален подготвителен турнир пред Светскиот универзитетски дебатен шампионат во Солун, кој ќе трае од 27 декември до 4 јануари.