Протестот прекинат, привремено се воведуваат три смени во тетовската гимназија

Тетовските гимназијалци од македонските паралелки од понеделник наставата ќе ја следат во централниот објект на Гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“, каде ќе бидат воведени три смени. Ова е привременото решение што по денешниот протест го договорија родителите и наставниците од гимназијата со општинските власти.

На директорот и раководителите на смени и на секторот за образование од Тетово им е наложено да обезбедат просторни услови и поделба и распоред на смените, при што учениците што настава следат на македонски и албански јазик ќе учат заедно во гимназискиот објект. Деталите ќе се знаат утре по координацијата на секторот за образование и администрацијата на Гимназијата.

„ Предлогот кој го дадовме денеска е учениците да се вратат и сите ученици да учат во Гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“. Управата доби задача да го организира наставниот процес, на толку смени колку ќе биде потребно, да бидат опфатени сите ученици. Ние секогаш сме се залагале за интегративни решенија, не за одвоени решенија. Затоа што европската логика, која ја следиме е сите деца да делат исти простории, исти вредности и иста перспектива. Јас зедов обврска, на барање на родителите и наставниот кадар, да побарам од Министерот за образование и Министерот за транспорт и врски заедничка средба со цел да има што помалку проблеми во решението на доградба и надградба на делови од училиштето, кои се потребни за да се сместат сите ученици“, изјави градоначалничката на Тетово , Теута Арифи по средбата со родителите и наставниот кадар од Гимназијата.

Проблемот со следење на наставата на гимназијалците кои слушаат предавања на македонски јазик трае со години. Додека нивните соученици што следат настава на албански јазик се сместени во главната зграда на гимназијата, останатите ученици учат во субстандардни услови во зградата на Работничкиот универзитет во Тетово, како и во Основното училиште „Гоце Делчев“.

Овие два објекти беа привремено решение за македонските паралелки, до изградба на нов објект во рамките на гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“. Средношколците и претходно беа сместени во ужасни и небезбедни услови во старите медицинските бараки на брегот на реката Пена. И локалните и централните власти неколку години наназад ветуваа изградба на соодветен објект и решавањето на проблемот со македонските паралелки.

Поради неисполнетите ветувања, учениците денеска ја бојкотираа наставата и заедно со своите родители и наставници протестираа протестираа под мотото „Заслужуваме училиште“.