#Протестирам се враќа на улиците – во петок нов протестен марш

Граѓанското движење „Протестирам“ најави нов протестен марш во петок, еден месец по протестите на 5 мај по кои беа уапсени неколку демонстранти. Граѓаните повторно ќе се соберат пред Влада од каде ќе го започнат мирниот марш барајќи оставка и одговорност од сегашната власт.

„Еден месец по протестите на 5 мај, оној кој дозволи употреба на брутална сила против граѓаните е сѐ уште на власт. Еден месец по упадот на полициските сили во библиотеката Браќа Миладиновци, настанот останува неказнет.

Во петок, 5 јуни, ќе се собереме на старо место од каде ќе започнеме протестен марш.

Бараме оставка! Бараме одговорност!“, стои во Фејсбук настанот.

Основниот суд Скопје 1 денеска одреди уште две условни казни и ја продолжи постапката за двајца од втората група демонстранти обвинети за учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење службено дејствие. Судењето за третата група, составен од петмина ќе биде утре.

#Протестирам во неколку наврати организираше маршеви барајќи да се ослободат сите приведени и притворени демонстранти од протестите на 5 мај кои започнаа откако опозициската партија СДСМ објави „бомби“ во кои наводно се слуша како владини функционери го заташкуваат случајот за Мартин Нешковски.