Протестен марш и овој петок против поскапувањето на струјата

Протестни маршеви против поскапувањето на струјата се најавени и овој петок (11 септември), со почеток во 18 часот во Скопје. Тргнуваат од две локации: Жена парк и Паркот во Чаир, па оттаму ќе се маршира до Владата на РСМ.

Со маршот, како што стои во најавата, уште еднаш ќе се изрази револтот од поскапувањето на струјата, дополнителното осиромашување на граѓаните, но ќе се каже „НЕ за екстрапрофити на капиталистите и за вработувањето партиски кадри на наш грб!“.

„Во услови на пандемија, кога многу граѓани губат работа и кога им ги намалуваат платите, многу влади во Европа ја намалија цената на струјата додека трае кризата. Но кај нас не беше така. Кај нас ја поскапеа  струјата. ЕВН, МЕПСО, ЕСМ трпеле поради кризата. А граѓаните не трпат? Што е поважно? Профитите на капиталистите и вдомувањето на партиските војници или животниот стандард на обичните граѓани?
Не смееме да го дозволиме овој удар на нашиот грб! Да го кренеме нашиот глас! Од нас зависи! Да се обединиме, Македонци, Албанци, Роми, Турци и останати, да се обединиме и да се спротивставиме! Да не им дозволиме да им помине поскапувањето на струјата“, порачуваат органзаторите.

Со протестниот марш се бара итно поништување на последната одлука на Регулаторната комисија за енергетика за зголемување на цената на електричната енергија, но и Владата да ја распушти Регулаторната комисија за енергетика при што би се формиралое независно арбитрарно тело во служба на граѓаните за да се провери квалитетот на енергетските услуги.

Демонстрантите бараат Владата да ги врати приватните компании за дистрибуција на електрична енергија под државна администрација, намалување на цената на електричната енергија за 46 %, но и раскинување на договорот со ЕВН, приватниот дистрибутер на електрична енергија во РСМ. Исто така бараат простување на сите камати од сметките на ЕВН што граѓаните до сега не ги платиле бидејќи сметаат дека високите сметки генерирани од ЕВН се главната причина за нивно неплаќање на време.

Протeстот го поддржуваат „Сакаме чист Чаир“, „Социјалистичка зора“,  „Конфeдeрацијата на синдикални организации“ (КСОМ), „Fridays for Futurе“ и МО „Црвeни“.

Цената на струјата е покачена од месец август, за повеќе од 7%. Регулаторите поскапувањето го правдаа со загубите на енергетските компании кои настанаа поради пандемијата.