Протест за отворање на читалните

На 28 август, со почеток во 18 и 30 часот, на Булеварот „Партизански Одреди“ пред градската библиотека „Браќа Миладиновци“, ќе се одржи протест за брзо отворање на читалните во библиотеките.

Преку мирниот протест пред библиотеката, присутните ќе побараат од Владата, Министерството за култура како и од Комисијата за заразни болести да подготват протоколи и што е можно побрзо читалните да бидат отворени за студентите.

„Со оглед дека последно време се отворија сите угостителски објекти, обложувалници,  се одржаа митинзи каде имаше илјадници присутни и каде не беше почитувана ниту една мерка, а тајно се организира и журки, свадби, концерти и прослави, како студенти сметаме дека сме дискриминирани со неотварањето на читалните кои се есенцијални за надоградување на студентите. Оттаму, сметаме дека би било оправдано да се отворат читалните, со почитување на сите протоколи изготвени од Комисијата за заразни болести“, се вели во соопштението на протестот.

Јавноста ја актуелизираше темата за отворање на читалните, но од институциите немаше интерес за решавање на ситуацијата.

Од организацијата апелираат присутните граѓани да ги почитуваат мерките за заштита од Ковид-19 и задолжително да ја одржуваат потребната дистанца, да носат маски и средства за дезинфекција.