Протест во петок поради загадувањето и неподносливата смрдеа од Вардариште

Протест поради загадувањето, неподносливата смрдеа и чадот кој се шири од скопско Вардариште е закажан за петок (14 август), во 17 часот, на рампата кај железничката пруга во населба Маџари.

Протестот го организираат граѓани од Гази Баба кои живеат во близина на Вардариште и секојдневно се гушат од чадот од нелегалната депонија, кој се гледа и мириса и во соседната општина Аеродром, за што сведочат фотографиите кои секојдневно се објавуваат на социјалните мрежи.

„Чашата ја прели секојдневната неподнослива смрдеа која што доаѓа од Вардариште. Имено, во претоварната станица, која што е нелегална и нема никакви стандарди, секојдневно се одложува отпад на отворен простор и од таму се шири неподнослива смрдеа“, велат за Радио МОФ организаторите на протестот.

Тврдат дека во овој реон има дивонаселени лица кои секојдневно уништуваат и палат отпад, со цел металните остатоци после палењето да ги продадат во отпадите за железо. Велат дека повеќепати се контактирани надлеѓните, но оттаму нема никаква реакција.

„Во неколку наврати е реагирано до општинските власти, запознаени се со проблемот, за жал реакција -нула!
Дополнително, при многу палење е повикувана и полиција и од нив реакцијата е буквално : “Ај бе,па не ти палат тебе дома,што да им правиме“. И затоа се решивме на овој протест”, велат граѓаните.

Протестот ќе се одржи кај рампата, на раскрсницата помеѓу улиците „Перо Наков“ и „Вера Радосављевиќ“ и веќе е пријавен во полиција.