Протест против насилниците од ЈСП утре во Автокоманда

Утре, пред седиштето на Јавно сообраќајно претпријатие во Автокоманда е најавен протест со кој се бара запирање на насилството од страна на контролорите на ЈСП Скопје. Протестот се организира неколку дена по случајот со студентот Сирхан Усеин, кој јавно обвини дека бил нападнат од двајца контролори иако имал валиден студентски билет додека се возел во градски автобус.

Студентот Сирхан Усеин обвинува контролори на ЈСП за дискриминација – Насилнички ме симнаа од градски автобус

Со протестот се бара отпуштање на двајцата контролори кои го нападнале Усеин, зголемена внатрешна контрола и вработувања на Роми контролори. Најавен е во 16:30 часот.

„Уште колку студенти, студентки, млади, стари, возрасни и останати се почувствуваа загрозени, понижени и омаловажени поради насилното однесување на контролорите на ЈСП? Доста е веќе дискриминација, доста е од силеџии, доста е од сексуални навреди и напади, доста живееме ограничено. Институциите секогаш се оградуваат од дискриминацијата и дека тоа кај нив не постои, а сведоштвата на граѓаните сепак не велат така и тие секојдневно живеат во страв.

Доста е! Придружете ни се на овој протест, денес Сирхан е жртва, утре ќе бидеш ти ако не се бориме денес. Ајде да му покажеме на ЈСП дека за омразата и стравот нема повеќе место во оваа држава“, стои во најавата за протестот на ФБ, организиран од Усеин.