Протест на вработените во Пошта: Не знаеме кога ќе земеме плата, бараме средба со новата Влада

Исплата на платата за април, средба со идната Влада и итно отпочнување на реформи за реорганизација и оптимизација на работата, побраа вработените во АД Пошта на денешните протести во сите подружници во Македонија. 

Претседателот на Синдикалните организации на Македонска пошта, Боро Велигденов на денешната прес-конференција, рече дека АД Пошта веќе подолг период се соочува со огромна финансиска криза.

„Не знаеме кога ќе земеме плата поради тоа што немаме доволно финансиски средства, а и менаџерскиот тим нема одговор на тоа прашање, затоа што чекале некаков прилив. Македонска пошта е доведена до состојба на уништување, опстојувањето е под голем знак прашалник и бараме итна средба со новата Влада и да ги решиме состојбите. Она што го бараме со години е да се отпочне веднаш и неодложно со новите реформи и целокупна реорганизација. Постапката за систематизација на новите работни места е темел и основа за понатамошна стабилизација и функционирање на друштвото. Синдикалните организации на Македонска пошта“, изјави Боро Велигденов.

Сашо Димитриески, повереник во Синдикатот на Македонска пошта, во денешното обраќање побара итно воведување на реформи и мерки кои што ќе ја стабилизираат состојбата на АД Пошта.

„Да нема повеќе 15 подружници со 15 директори и илјада соработници, нам ни требаат работници во технолошкиот процес за граѓаните да бидат задоволни од нашите услуги. Идната влада да преземе мерки и за регулаторното тело Агенција за пошти, кое од нас добива добар прилив за плати, тоа треба да работи според Законот за поштенски услуги. Имаме информации дека во нашата држава се дистрибуираат пратки од соседните земји, што е во спротивност со сите меѓународни прописи за поштенски сообраќај. Агенцијата да преземе одговорност спрема другите оператори кои вршат неконкурентна и нелојална достава на пратки“, изјави Сашо Димитриески. 

Од Синдикатот побараа да се престане и со партизираната кадровска политика, која како што изјавија ја уништила Македонска пошта. 

На протестот беше најавен и штрајк за почетокот на идниот месец.

Симона Паскоска