ССНМ го поздрави покачувањето на платите во МИА, но велат дека тие и понатаму се под државниот просек

Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ) соопшти дека со одобрување ја дочекале Одлуката на Владата за утврдување на висината на бодот за пресметување на платите на вработените во АД МИА, донесена од Управниот одбор на друштвото, но оценува дека ова е исполнување на само дел од барањата на вработените.

„Со одлуката донесена денеска вредноста на бодот се зголемува од 68,6 на 81 денар и истата ќе се применува од септемвриската плата, но ова покачување соодветствува на само 18 проценти и не ги задоволува објективните барања на вработените зад кои застана и ССНМ. Тие потсетуваме изнесуваа 30 проценти на досегашните примања“, велат од ССНМ.

Оттаму додаваат дека со ова покачување само делумно се анулира повеќегодишниот застој во зголемувањето на платите во МИА, и дека платите во просек и натаму се далеку од просекот на државно ниво.

„Затоа ССНМ и натаму, и безрезервно, ќе ги поддржува вработените до целосно исполнување нивните барања од летово, кои беа артикулирани и со повеќедневни протести кои не го попречија работењето на Медиумската информативна агенција. Потсетуваме дека колегите бараат и изедначување според индексот на трошоците на живот, и зголемување од 10 проценти на основната бруто плата според општиот колективен договор“, се додава во соопштението.

Вработените во МИА, со поддршка од ССНМ, одржаа повеќе протести со барање за повисоки плати. Од Синдикатот на протестите постојано потенцираа дека платите на новинарите и медиумските работници во МИА се за повеќе од 6.000 денари помали од просечната нето плата во државата.