Протече и сценариото на последната епизода на Game of Thrones за оваа сезона

По се што се случи досега, неизбежно, на интернет протече сценариото за финалната епизода на 7-мата сезона Game of Thrones, наречена „Змејот и Волкот“.

На платформата Reddit, во категоријата „спојлери“, се објавени документи со главните дејствија од секоја епизода од новата сезона, меѓу нив и од финалната, како дел веројатно од првичниото хакирање на мејловите на мрежата ХБО.

Датумот на документите е од април 2016 година, и биле наменети за внатрешна употреба на компанијата.

За да ги добијат деталите од последната епизода од сезоната, која премиерно треба да се прикаже во недела, корисниците треба само да го побараат тоа на форумот на платформата.

„Хакерот го поставил својот мејл на неговата интернет страница, па му испратив порака и тој ми го испрати целосниот преглед на седмата епизода“, напишал корисникот кој го објавил документот.

Сценариото, долго 20 страници, било испратено и до Индепендент од личност која тврдела дека материјалот припаѓа на таканаречен „Господин Смит“, името на групата која стои зад хакирањето.

Индипендент вели дека, судејќи по протеченото сценарио на претходната епизода, текстот на новото протечено сценарио изледа прилично точно – во поглед на наративот и главните поенти на приказната, иако дијалогот најверојатно ќе претрпи драстични измени.

Видеото од новата епизода се уште не е протечено онлајн, ниту преку хакерска мрежа, ниту преку случајна објава од ХБО мрежите, како што беше случај со претходната епизода.