Пропусти при пристапноста на гласачките места, но и за гласањето на лицата со попреченост, забележаа денеска од здружението „Инклузива“

Пропусти при пристапноста на гласачките места, но и за гласањето на лицата со попреченост, се главните забелешки на здружението „Инклузива“ кое денеска на терен имаше 70 набљудувачи, лица со попреченост кои го следеа гласањето на 200 гласачки места за време на изборниот процес.

Покрај ова, на прес-конференција тие известија дека биле забележани и други нерегуларности кои биле во мал број.

„Според набљудувањето, главен проблем остана непристапноста на гласачките места и користењето на алатката за гласање на лицата со попреченост. Набљудувачите известија дека на 40 посетени избирачки места, не се воопшто физички пристапни, односно, нема рампи или лифтови, има скали и бариери. Параваните за гласање за лицата со попреченост не се поставени на соодветно место, некои од нив воопшто не се отпакувани, односно на 42 избирачки места се ставени покрај ѕид, блокирани или воопшто непоставени. Шаблони за гласање на брајово писмо и граничници за гласање на лица кои се слепи или со слаб вид, но кои се однесуваат и на гласачкото право на лица кои не се доволно писмени не се користени на 51 гласачко место. На едно место забележано е како придружник гласа за лице кое е слепо, без присуство на самото лице зад параванот“, посочи од здружението.

На 30 гласачки места не биле прикажани сликовити прикази за процесот на гласање, велат од здружението. Оттаму додаваат дека четири набљудувачи се соочиле со проблем при вршење на набљудувањето, но и со комуникацијата со избирачките одбори.

„На едно гласачко место набљудувач, лице со попреченост е навредено од страна на член на избирачки одбор. Забележани се нерегуларности во поглед на непочитување на мерките за заштита од Ковид-19, односно, неносење или неправилно користење на заштитни маски и ракавици од страна на избирачки одбори на 15 гласачки места, неодржување на физичко растојание на 21 гласачко место, непроветрување на просторот и повеќе лица од дозволениот број на осум гласачки места“, додаваат од „Инклузива“.

Како што посочија оттаму, ова е досега најбројната набљудувачка мисија на лицата со попреченост во земјата која преку својот мониторинг и набљудувачите следат дали се остварува правото на глас, но и ја креваат свеста за еднаков пристап при гласањето кој се уште не е можен за овие граѓани.

На третиот ден од предвремените парламентарни избори, според првичните податоци до 20 часот и 30 минути, на гласање излегле 922.380 лица, односно, 50.84 отсто. Денеска во земјава право на глас имаа 1 814 263 гласачи кои можеа да гласаат на 3 480 избирачки места, за кандидатските листи на 15 коалиции и партии.

Сите лица на македонските парламентарни избори