Јавното претпријатие „Лајка“ информира дека на територија на Скопје, по предходна пријава на граѓани е пронајдено младо женско куче, на возраст од приближно една година, затворено во напуштен автомобил – без вода, храна или провев, изложено на екстремни температури и во загрижувачки услови.
„Благодарение на навремена реакција, животното е извадено и моментално е во процес на опоравување. Се работи на стабилизирање на нејзината психофизичка состојба, а случајот е пријавен до надлежните институции“, велат од „Лајка“.
Според сведоштва од жители на местото, ова не е првпат истото лице да држи животни во вакви услови. Претходно, биле забележани уште две кучиња од расата кане корсо кои исто така биле чувани во запуштени, нехумани услови.
View this post on Instagram
„Станува збор за континуирано и сериозно кршење на Законот за заштита и благосостојба на животните, кое бара итна реакција од институциите. Апелираме до надлежните органи да постапат со целосна сериозност и да преземат мерки за да се спречи понатамошно загрозување на животните од страна на ова лице. Потсетуваме дека затворање на кучиња во автомобили, особено во лето, може да доведе до фатални последици за само неколку минути“, нагласуваат од претпријатието.
Тие ги охрабруваат граѓаните кои имаат информации за случајот или други слични примери да се јават и да помогнат во борбата против насилството врз животни.