Промовирањето етичко лидерство и добро владеење е најдобриот вид антикорупциско образование

„Корупцијата во образовниот систем е проблем кој ги саботира шансите за позитивен исчекор. Затоа и наставниците и учениците мора да ја знаат важноста на интегритетот и да бидат доволно оспособени и информирани за да се спротивстават на коруптивните практики и да понудат свеж и необременет пристап во борбата против корупцијата“, потенцираше вицепремиерката Славица Грковска на вчерашната дискусија „Антикорупциско образование – пристапи и предизвици“, на која се зборуваше за улогата на образованието во спречувањето на коруптивните практики во македонското општество.

Според неа, создавање образовен систем без корупција, кој ќе обезбеди еднакви можности за сите ученици и студенти е единствениот систем кој може да води до понатамошна поширока промена во општеството.

„Коруптивниот светоглед не смее да биде дел од просторот каде што се обликуваат младите мозоци, ако сакаме образованието да ја има просветителската улога и да води напред, кон подобри меѓучовечки односи во општеството, подобри пракси на управување и конечно, до подобри услови за раст и развој на нашата држава и нејзиниот човечки потенцијал“,  посочи вицепремиерката Грковска.

Во нејзиното обраќање таа ја нагласи и важноста секој лидер да поседува вештини и знаења за ефикасно справување со коруптивните практики и тоа да го применува во своето работење.

„Таквото промовирање на етичко лидерство и добро владеење е најдобриот вид антикорупциско образование. Образование кое може да придонесе за развој на општество без корупција, каде што секој има еднакви можности и пристап до ресурси. Сѐ друго би останало на ниво на лекција, со која можеби секој ќе се запознае, ама нема да ја прифати и примени”, додаде вицепремиерката.

Фото: Влада. мк

Министерот за образование, Јетон Шаќири, истакна дека секое ново човечко достигнување се препнува токму на корупцијата. Според него, во ова време на секавичен пробив на вештачката интелигенција во сите сфери, едно од основните прашања е ризикот од нејзиното корумпирање и моќта за негативно влијание врз милиони луѓе.

„Има консензус дека кај децата од најрана возраст треба да се поттикнуваат  ставови за нетолерантност кон корупција и да се развиваат вештини кои ќе им помогнат успешно да се спротивставуваат на притисоците, кога ќе се соочат со коруптивни практики. Ова е насоката кон која го водиме националниот воспитно-образовен систем преку темелната реформа што е во тек. Темите за антикорупција се најзастапени по предметот граѓанско образование, но обработка на феноменот корупција овозможена е и низ повеќе други предмети, во исто време, како резултат на креативноста и соработката меѓу наставниците“, рече Шаќири.

Во дебатата придонес дадоа и претставници од Државната комисија за спречување на корупцијата, Младинскиот образовен форум, Македонскиот центар за меѓународна соработка, Македонскиот центар за граѓанско образование, Средношколскиот сојуз и Институтот за човекови права. Дискусиите опфатија искуства и можности за дизајнирање и спроведување на антикорупциско образование во училиштата, како и можности за градење партнерства и мрежи за подобрување на овој аспект во образовниот систем.

Настанот е во организација на Кабинетот на заменичката на претседателот на Владата  задолжена за политики за добро владеење и Канцеларијата на Обединетите нации за борба против дрога и криминал (UNODC), поддржани од Германската агенција за меѓународна соработка (GIZ), кои целат кон зајакнување на антикорупциските капацитети на младите, препознавајќи ја нивната улога како агенти на промената.