Новата поштенска марка „Скопје се сеќава 1963 – 2023“, која е испечатена во 6000 примероци по повод одбележувањето шест децении од разорниот скопски земјотрес, денес беше промовирана од страна на Поштата на С. Македонија, а по иницијатива на УНДП.
Дизајнот на поштенската марка е изработен од Лоран Куфало, со препознатливиот стилизиран мотив на часовникот на Старата железничка станица и специјалното изработено лого по повод јубилејот.
Од Поштата информираат дека марката е достапна во продавницата на Филателија при Пошта во Скопје со номиналната вредност од 36 денари.
„АД Пошта досега има издадено повеќе едиции поштенски марки со скопски мотиви. Така е и денеска, кога се сеќаваме на огромната катастрофа. Шеесет години подоцна, нѝ беше посебно задоволство што имавме можност да работиме и за овој значаен јубилеј на нашиот главен град“, изјави Бујаре Абази, генерална директорка на АД Пошта.
„Марката ќе остане како сведок на отпорноста на градот Скопје и сигурен сум дека сите љубители и колекционери – филателисти ќе ја препознаат нејзината важност во одбележувањето важни историски моменти за идните генерации“, истакна Армен Григорјан, претставник на УНДП.